Повеќе од 20 илјади белграѓани беа сведоци на фантастичниот концерт на Македонската филхармонија која под диригентство на Џијан Емин синоќа настапи со африканскиот маг на афробитот Феми Кути и неговиот бенд “Позитив форс”.
Под отворено небо, на прекрасната тврдина Калемегдан, се случи неповторлив музички настан, какви што беа коментарите на публиката, кој предизвикуваше френетични аплаузи.
Позитивната енергија, моќната изведба на Кути и на сите оние кои се најдоа на сцената, атрактивните танчарки, врвната продукција (аудио и видео) и извонредниот влог на маестро Џијан Емин да се претставиме во одлично светло и надвор од Македонија, силно се рефлектираше и од другата страна на сцената. Овој концерт беше помогнат од градот Белград кој се покажа како одличен домаќин, а организаторите ветија повторна соработка во скора иднина. Она што беше највпечатливо, и што ја збогати атмосферата на тврдината, беа соло настапите на дел од музичарите од оркестарот кои заедно со Кути предизвикуваа постојани овации.
Концертот заврши со бис и огномет и ова гостување на Македонската филхармонија во Белград долго ќе се памети!