Еден од најголемите пијанисти на денешната генерација, Денис Кожухин од Русија, ќе одржи рецитал на 22 октомври (понеделник) во Камерната сала на Македонската филхармонија во 20 часот. За критиката и публиката, Денис Кожухин е „волшебник на пијаното“, затоа што неговата техника е беспрекорна и тој мудро ги комбинира сјајот и моќта на она што го изведува.
Тој поседува одлично чувство за моделирање на формата, зрелост и уникатна чувствителност. Во последниве неколку години, негов ментор е славниот пијанист и диригент Даниел Баренбоим. Во Скопје, рускиот пијанист ќе изведе дела од Менделсон (избор од „Песни без зборови“), Григ (избор од „Лирски пиеси“) и Прокофјев (Соната бр. 8).
Денис Кожухин е добитник на првата награда на престижниот натпревар „Кралица Елизабета“ во Брисел. На свои 23 години, Кожухин (1986) се етаблира како еден од најголемите пијанисти на неговата генерација. Само минатата сезона тој настапи со врвни оркестри меѓу кои и со „Концертгебау“, Симфонискиот оркестар на Чикаго, Германскиот симфониски оркестар во Берлин, Филаделфија оркестарот, Кралската филхармонија во Стокхолм, Филхармонијата во Осло, Камерниот оркестар „Малер“, Симфонискиот оркестар на Би-би-си, Берлинска филхармонија, „Карнеги хол“…, со врвни диригенти како Темирканов, Кристијан Јарви, Петренко, Јамада… Како рецитален пијанист, настапите на Кожухин ги вклучуваат и „Концертхаус“ во Виена, Филхармонијата во Келн, „Вигмор Хол“, „Вербие“ фестивалот, Иитернационалните пијано-серии во Лондон, како и учеството на отворањето на „Пјер Булез“ концертната сала во Берлин заедно со маестро Даниел Баренбоим. Зад себе има неколку изданија со изведба на концерти за пијано и оркестар од Григ, Чајковски, соло дела од Брамс…, за кои е добитник на наградите „Избор на уредникот“ на „Грамофон“ и „ЦД на месецот“ во магазинот „Фоно Форум“. „Грамофон“ ќе го опише како пијанист со „длабок, култивиран музички инстинкт, развиена и разновидна техника, но ненаметлива… Слушајќи го Кожухин, музиката станува неоспорна, комплетна…“