Химба племето настанало во околината на градот Опув, регијата Кунене, северна Намбија. Оваа популација брои околу 50 илјади луѓе, а претставува културолошки диверзитет бидејќи живеат на номадски начин, најчесто преживувајќи од сточарство и собирање плодови.
Тие се многу патријахални, веруваат во еден бог – Мукуруа и склони се кон полигамија. Нивниот социјален статус се одредува според количината на стока која ја поседуваат, а честа појава е мажите кои котираат високо на социјалното скалило да имаат повеќе жени.
Бидејќи сѐ им зависи од сточарството, овие номадски пастири честопати мигрираат од матичното село во села кои обезбедуваат подобри пасишта за нивните животни. И покрај тоа што се движат и се среќаваат со поинакви од нив, модерни стилови на живот, тие ја задржале културолошката отпорност благодарение на строгите мерки при посетите на нивните заедници кои ги преземала владата на Намбија за да ги заштити од преголемо влијание на надворешни фактори.
Меѓутоа, тоа не ги спречува припадниците на племето, особено оние кои живеат поблиску до градот, да ги користат сите бенефити на урбаниот живот.