Категории

#365среќа Катерина Котлареска: „Ние жените знаеме што ни е потребно, што нè интересира и каде сме најсилни, но многу е поубаво кога ќе го доживееме заедно!“

Денес, на 5. декември 2018 се одржува „Конференцијата за 200 жени претприемачки“. На едно место, своите бизнис приказни ќе ги раскажат 200 успешни дами.

„Забава, инспирација, мотивација, вмрежување – овие четири лозинки накратко ја опишуваат конференцијата „200 Жени Претприемачки“ што е невообичаен мотивациски настан за жени, кој се одржува денес во Скопје. Овој енергетски ден ќе биде исполнет со знаење, инспирација, добри енергетски и деловни контакти“, вака најавтентично ја опишуваат конференцијата организаторите – „Касиа Ивентс“. За таа цел, во ова идание на #365среќа разговаравме со Катерина Котлареска, сопственичка на брендот „Касиа Ивентс“.

1. Јавноста ве запозна како сопственичка на Касиа Ивентс, вашиот приватен бизнис кој успешно го водите организирајќи познати настани како што се традиционалното „Бизнис Кафе Македонија“ , „200 жени претприемачки“, кои наидуваат на голема посетеност. Како започна вашата претприемачка приказна?

Одлучив да направам свој бренд по инсистирањето на моите партнерки од Хрватска (сопственичката на брендот „Бизнис кафе“) и од Словенија. На една меѓусебна средба во Белград разговаравме што се работиме и откако им кажав со што се се занимавам и организирам покрај бизнис кафето, ме прашаа а зошто сето тоа не го ставам под еден бренд. Не ми требеше долго размислување, се вратив од Белград им ја кажав идејата на моите соработници дизајнери и за неколку дена веќе се беше средено.

2. Вашата компанија Касиа Евентс успешно ја организира конференцијата „200 жени претприемачки“ каде што успешните жени од различни сфери го споделуваат своето искуство во бизнисот. Според вашето искуство, дали мислите дека жените добиваат еднаков третман во бизнис сферата?

Конкретно во Македонија има 50% женска популација, жени на пазарот на труд се 43,1%, но во 44% од компаниите немаат жени на водечки позиции. Во банкарскиот сектор, процентот на жени на водечки позиции е околу 23%, во осигурителните групации просечно има 19% жени, додека европскиот и балканскиот просек е околу 23%. Таргетот на Европа е до 2020 година околу 40% од жените да бидат во управувачките и надзорните структури. Така што можеме да заклучиме дека сѐ уште не е постигната потребната граница на застапеност на жените во бизнис сферата, но се трудиме тоа наскоро да се промени.

3. Конференциите од овој вид како што е „200 жени претприемачки“ и настаните каде што успешни и остварени личности ја раскажуваат својата приказна како што е традиционалното „Бизнис Кафе Македонија“ се организираат со цел да се поттикне креативноста и амбициозноста кај секоја единка која сака да успее на деловно поле. Сметате ли дека на овој начин ги мотивирате присутните да бидат храбри и да се обидат да ги остварат своите соништа?

Апсолутно, тоа е и нашата идеја и причина за организирање на сите настани. Посетителите на овој настан ќе си потврдат дека не се сами, дека сите ние го поминуваме претприемачкиот пат. На настанот ќе има презентери од Македонија и регионов кои се успешни во своето работење. Секој од нив на посетителите ќе им го пренесе својот пат кон успехот и секој од нив ќе им каже по неколку совети, како во иднина да постапуваат. Значи, покрај вмрежувањето, мотивацијата, забавата посетителите ќе добијат и конкретни насоки кои можат да им послужат во иднина.

4. Кога ќе помислите на среќа, што е првата мисла што ви паѓа на памет?

Колку и да звучи клише, среќата навистина е во малите нешта. Тие мали секојдневни гестови, прегратки, настани ја дефинираат среќата долгорочно. Семејството, пријателите и сите драги луѓе ме прават среќна, а во нив се вбројуваат и успесите на деловно поле, динамиката во мојата работа, организацијата и сите подготовки кои водат до финалната цел – успешен настан кој привлекува голем број на луѓе.

5. Што може да очекуваат сите заинтересирани од следната конференција „200 жени претприемачки“ ?

Започнавме со 100 жени претприемачки, а сега стигнавме до бројот 200. Во иднина се надевам на уште многу успешни конференции и настани кои ќе служат како мотив и поттикнување на креативноста и амбициозноста на жените да се изборат за своето заслужено место во бизнис сферата. Без оглед на возраста и видот на професијата, секоја заслужува да доживее големи емоции, да научи нови работи, да запознае нови луѓе и да ужива во секој момент. Ние жените знаеме што ни е потребно, што нè интересира и каде сме најсилни, но многу е поубаво чувството кога сето тоа ќе го доживееме заедно!

Прегледи:
537
Објавено на:
05.12.2018