Зоолошка градина Скопје имаше една од најуспешните години во својата историја. Со промена на менаџменот во јуни и доаѓањето на директорот Ѓорѓи Галетановски за само шест месеци беа реализирани низа проекти, кои пополека ја водат Зоо Скопје кон членство во ЕАЗА.
Во периодот од јуни до јануари се работеше на тоа хигиената во Зоолошката да биде на највисоко ниво- беа поставени нови монтажни тоалети, со помош на ЈП „Комунална хигиена“ беа исчистени големи површини во градината, ЈП „Улици и Патишта“ асфалтираше нови патеки, а ЈП „Водовод и канализација“ помогна при поголемите проблеми со водата, како и со чистење на езерцата.
Беше поставена и нова урбана опрема- корпи за отпадоци и клупи, како и нови информативни и едукативни табли. Се направија поголеми поправки и реновирање на постојните живеалишта, со цел подобрување на условите за живот и благосостојба на животните. По шест години чекање и застој, ги завршивме живеалиштата за слон и шимпанза и успешно ги доведовме двете слоници во Скопје. На отворањето на живеалиштето на Дуња и Даела присуствуваа 13 000 посетители, а двете слоници пристигнаа во Македонија на 27-ми септември.
Во тек е и довршување на живеалиштето за шимпанзо, а наскоро треба да пристигнат Коко и пријателите. Поправен и дополнет беше и видео надзорот во Зоолошката, со цел поголема безбедност за посетителите, а во сите живеалишта беа поставени клима уреди и греење со оптимална температура за животните. Од јуни започна и кампањата за заштита на животните со македонските јавни личности кои несебично ја поддржаа.
Кампањата „За здрави и среќни животни“ ќе продолжи и понатаму, а на пролет ќе се воведат и парични казни за сите посетители кои ги хранат и вознемируваат животните. За најмладите секој викенд имаше забавно-едукативни програми, Zoo keeper’s talk, како и организирани бесплатни едукативни тури за деца од социјален ризик и деца со посебни потреби.
Во Скопје Зоо наследивме буџет од 1,5 милиони денари додека пак до крајот на декември буџетот е 4 пати поголем и покрај големиот број на реализирани проекти. Во текот на изминатите шест месеци склучивме и договор за соработка и спонзорства со голем број на општествено одговорни компании од Македонија, се изградија и нови реквизити за забава, како и детски игралишта во Зоолошка градина Скопје. Во текот на наредните месеци, планирани се неколку поголеми проекти како целосно чистење на големото езеро кое воопшто не било исчистено 13 години, изградба на живеалишта за фламинго и пингвини, пристигнување на зебри, антилопи и други егзотични животни во Зоо Скопје.
На пролет се очекува да биде готова и изградбата на Дино паркот каде што посетителите ќе имаат можност да видат 50 диносауруси во природна големина кои се движат и испуштаат звуци. Посетеноста во однос на изминатите години е до четири пати повисока и го имаме епитетот на најпосетена институција во државата. Во месеците септември, октомври и ноември, Зоолошка градина Скопје забележа историски рекордна посетеност со над 30 000 посетители неделно.
Се надеваме дека 2019 година ќе биде година која ќе биде клучна за влез во ЕАЗА ( Европска асоцијација на зоолошки и аквариуми) и конечно после долгогодишно чекање ќе станеме рамноправна членка на оваа реномирана европска организација.