Нејзиниот начин на изразување е препознатлив, автентичен и допира до читателите токму поради нејзината умешност да го напише она што го чувствуваме, а не можеме да ги најдеме вистинските зборови за да го објасниме. Има четири авторски дела зад себе, а напролет ќе ја издаде својата петта книга. За животот, среќата, љубовта и идните планови во ова издание на #365среќа разговараме со Ксенија Николова.
1. Со секој твој збор, со секоја мисла успеваш да допреш до срцата на многумина кои ја следат твојата работа уште од самите почетоци. Со издавањето на секоја книга, читателската публика стануваше сѐ поголема, па поради тоа најавата на твојата најнова книга е прифатена со големо задоволство. Дали ова дело ќе биде продолжение на Емотивниот манипулатор или пак станува збор за нешто сосема поразлично?
Ти благодарам на убавите зборови. Моето најново дело кое го најавувам заедно со мојата издавачка куќа Култура ќе биде нешто сосема поразлично, впрочем, сосема друг правец од сите мои претходни дела. Се надевам дека и овој пат ќе допрам до срцата на моите читатели и дека ќе им подарам едно дело со кое ќе им се збогати душата, затоа што тоа е најголемата поента на оваа работа.
2. Уште како мали преку бајките, потоа и преку книгите, филмовите и сериите, како и преку сопствените примери околу нас, учиме да веруваме во среќен крај. Како растеме тоа и не изгледа толку совршено и сфаќаме дека животот воопшто не е лесен. Дали веруваш во среќен крај?
Верувам во тоа дека се’ ќе биде во ред на крај, а среќниот крај е малку преценета категорија на размислување. Што значи среќен крај? Сите го асоцираме тоа со љубов, но љубовта не е единствениот извор на среќа. Сите се движиме кон некој спокој, кон некој внатрешен мир кон кој целиме. Тоа е среќен крај. А во бајките, одамна не верувам, затоа што ти се создадени да не забавуваат, а не да ни создадат илузии кои не постојат.
3. Во различни периоди од животот среќата ја толкуваме поинаку. Во овој момент, што е среќа за тебе?
Во овој момент, за мене среќа е душевниот мир, стабилноста и спокојот. Во овој миг, за мене среќа е исполнетоста, кариерата која ја градам, домот, родителите, пријателите. Среќата за мене се малите моменти, веќе одамна ја гледам сликата на својот живот поинаку. Но, среќата е нешто кое очајно се бара, тоа е и мистеријата на истата. Јас ја чувствувам, но нејзиното отсуство го чувствувам два пати повеќе.
Спротивно од среќата, имаме чувство на рамнодушност и секојдневие. Монотонија и случување на работите по ист редослед. Во тие моменти, на никаков предизвик, многу е важно да ја пронајдеме среќата во самите себеси и да не дозволиме да не голтне ова време на игнорирање и немање емпатија, каде среќата впрочем и ретко кога е на менито, затоа што се’ поретко сретнуваме човек кој е среќен, само затоа што така одлучил да биде. А за среќа, треба навистина само толку. Тешки се тие психички битки, се надевам дека секој од нас ќе се победи себеси во себеси.
4. На чекор си од издавање на твојата петта по ред книга. Да се создаде една комплетна приказна која ќе го задржи вниманието на читателот претставува голем предизвик. Од каде ја црпиш инспирацијата?
Да, инспирацијата доаѓа спонтано и јас ја црпам од животот. Таа е постојано со мене и за тоа се чувствувам благословена. Се надевам дека ова мое дело ќе донесе убави моменти во мислите на читателите и ќе разбуди во нив убав свет.
5. Кое е твоето животно мото?
Немам животно мото, но да речеме дека се трудам да не ги разбирам работите лично, да работам на себеси и бидам подобра, да успеам да развијам своја константа и да сфатам дека не е грев да ги чувствуваш работите малку посилно, затоа што интуицијата никогаш не ме издала, а јас неа многу пати.