Пилатесот е дисциплина во вежбањето која го обликува телото, нуди забава, динамичност и многу бргу прераснува во пасија. Токму на оваа тема зборуваме со младата Рената Младеновска, инструкторка по пилатес во Фитнес Станица. За придобивките од вежбањето, љубовта кон пилатесот и среќата прочитајте повеќе во разговорот со неа за #365среќа.
1. Како изгледаше твоето запознавање со пилатесот?
Пред повеќе од 7 години, сосема случајно одлучив да симнам неколку килограми. Како и на секоја друга девојка, на почетокот целта ми беше да го оформам и зацврстам телото. Во меѓувреме пробував и други активности, но секогаш се враќав на пилатесот. Како што изминуваше времето пилатесот сѐ повеќе и повеќе ми стануваше пасија. Повеќе не се работеше само за изгледот, уживав во вежбањето и обожував како се чувствувам за време и по вежбањето.
Од 3 часа пилатес неделно, преминав на 4 часа за на крајот да почнам паралелно да вежбам и во клубот каде што бев член и дома, со импровизирани тегчиња и ластици. Едноставно се заљубив во пилатесот. Пред 3 години започнав професионално да се занимавам и слободно можам да кажам дека уште на почетокот знаев дека ова е тоа што сакам да го правам и ќе го правам до крајот на животот.
2. Кои се најчести коментари што ги добиваш од девојките и жените кои присуствуваат на твоите часови?
Обично од девојките слушам „не е така лесно како што изгледа“ и да, навидум пилатесот изгледа едноставен но не е така, часовите се смислени така да го опфатат целото тело, никогаш не работиме само еден дел од телото, а дополнителните тежини, експандери и ластици овозможуваат вежбите да не бидат така лесни како што изгледаат.
Исто така многу од нив се изненадени и од тоа колку всушност пилатесот може да биде забавен и секако веќе по 2 до 3 месеци, зависи од индивидуата, гледаат резултати не само во изгледот туку и во енергијата, расположението и продуктивноста кои дефинитивно со пилатесот се зголемуваат.
3. Колкава улога има правилната исхрана во твојот изглед? Дали внимаваш при изборот на намирници и бројот на калории?
На почетокот броев колку калории внесувам бидејќи ми беше важно при симнувањето на килограмите, но подоцна сфатив дека поентата е во тоа да внесеш што е можно повеќе хранливи материи, витамини. Па сега се водам по тоа. Внимавам што внесувам бидејќи не само за изгледот, храната е многу значајна за целокупниот живот односно за здравјето. Понекогаш правам отстапувања, но и во тој случај внимавам.
4. Вежбањето или поконкретно пилатесот како динамична и забавна дисциплина претставува одличен начин за полнење со позитивна енергија. Покрај пилатесот, што те прави среќна?
Покрај вежбањето пилатес, уште посреќна ме прави моментот што сето тоа што го знам, како инструктор можам да го споделам со девојки кои решиле да преземат нешто во врска со својот изглед и воедно да инвестираат во своето здравје. Ме прави среќна полна сала девојки насмеани, мотивирани и решени да вежбат заедно со мене. Ме прави среќна кога вежбачките ќе почнат да забележуваат промени во својот изглед, тоа исто така дополнително ме мотивира да дадам сѐ од себе за нив. Уште посреќна ме прават дружењата со нив, не само во сала во Фитнес Станица туку и приватно. Со една реченица среќна сум кога тие се среќни. Сакам луѓе кои се решени да ја постигнат најдобрата верзија од себе, а моите пилатес девојки се тоа.
5. Што би им порачала на сите оние кои сакаат да направат некоја промена во дневните навики и својот изглед?
Да не чекаат повеќе, да започнат со вежбање. Не од понеделник, не од први следниот месец, започнете со вежбање уште сега. Доволно е 1 час во текот на денот да се одвои за себе, за вашето тело, душа и ум, било тоа да е пилатес, јога, аеробик, теретана, трчање или пак вежби кои ќе ги правите по дома. Не барајте изговори кога станува збор за вашето здравје, за неколку месеци од сега ќе бидете благодарни што воопшто сте почнале. Бидете најдобра верзија од себе.