Категории

Бидете дел од креативната работилница за македонски јазик: „Можам да (си) го подобрам македонскиот јазик“

На 19 март со почеток во 18 часот, ве покануваме да бидете дел од првата модернизирана работилница за македонски јазик под слоганот „Можам да (си) го подобрам македонскиот јазик“.

Зошто токму работилница по македонски јазик?

– Македонскиот јазик е основната алатка со која функционираме и секојдневно е околу нас. Со денешната експанзија на социјалните мрежи и воопшто интернетот, сведоци сме на огромниот број грешки што ги поседуваме. Јазикот е жива материја и лесно се забораваат неговите правила доколку не го користиме онака како што треба. Тој не се учи само додека сме во основното и средното образование, тој треба да се негува цел живот, но свесни сме дека скоро и да немаме можност каде да го подобриме. Исто така, многу е важно и некој компетентен да ни укаже како се подобрува нашиот мајчин јазик.

Зошто ни е потребно ваквото предавање?

-Не мора да сте интелектуалец за да напредувате на ова поле: усовршувањето на јазикот ве тера подобро да размислувате, подобро да се изразувате и најбитно – подобро да комуницирате. Голем број од луѓето сакаат да го подобрат својот речник и јазик, но не знаат на каков начин и не знаат кои се најосновите правила за пишување и говорење. Медиумите веќе подолго време ни пренесуваат информации преку дијалект, и сленг, со погрешен правопис и погрешен акцент, така што стандардниот македонски јазик почна пополека да се губи. Преку ова предавање ќе ви се даде насока како повеќе да го засакате македонскиот јазик со тоа што ќе научите многу правила (или ќе се потсетите) и ќе ви бидат укажани најчестите грешки кај пошироката јавност.

Што добивате?

-По ова предавање засекогаш ќе го смените погледот кон македонскиот јазик. Ќе почнете поинаку да го забележувате јазикот што го пишувате и говорите и ќе сакате што повеќе да го подобрите. Научно докажано е дека граматиката е математиката во јазикот и дека со самото анализирање се поттикнува креативното размислување.

Како ќе се одвива работилницата?

-Подготвен е сликовит и духовит материјал за препознавање на грешките и полесно совладување на правилата кој истиот ќе го добиете и во испечатена форма. Македонскиот јазик е една обемна тема за која треба повеќе време и на оваа работилница ќе се обработат само најосновните проблематики кои ги сретнуваме секојдневно во нашето време. Ќе анализираме теми од:
-правопис;
-акцент;
-интерпукција;
-кирилица;
-странцизми/мак. зборови;
-најчести грешки;
-самооценување на својот мак. јазик;
-начини за понатамошно учење;
-ваши прашања.

Кој треба да ја посети оваа работилница?

– Секој со желбата за македонскиот јазик кој смета дека треба да се подобри: студенти, новинари, вљубеници во книгата, уметници, јавни говорители, графички дизајнери, уредувачи на страници на социјални мрежи, маркетинг-сектор, занаетџии и сите видови сопственици на мали бизниси кои се рекламираат преку интернет, страсни дебатичари за јазик на секоја дружба.

На работилницата ќе има пијалак и закуска, материјал за работа и секој на крај си добива сертификат.

Бројот на учесници е ограничен. Во случај на повеќе пријавени, останатите ќе бидат пријавени за следното предавање на друг датум.

За пријавување и информации за условите за учество пишете ни на е-пошта на [email protected] или во пораки.

Автор и предавач на работилницата е Марија Лозаноска, дипломиран македонист и книжевник, поранешен професор по македонски јазик, писател и автор на книжевниот блог Писателката од Лозана;

Ајде да бидеме суперхерои, да го скинеме синџирот на неписменост и да му дадеме повторна моќ на македонскиот јазик!

Прегледи:
655
Објавено на:
07.03.2019