Операта „Аида“ на Верди, годинава за првпат ќе ги отвори и затвори Мајските оперски вечери, кои по 47. пат ќе започнат вечерва во 20 часот во Националната опера и балет (НОБ), а ќе траат сѐ до 31 мај.
На вечерашната премиера, која е работена според продукцијата на театарот „Карло Феличе“ од Џенова, ќе диригира Енрико Довико. Режијата според италијанската верзија ја адаптираше Дејан Прошев, кореографијата е на Луиза Балдинети, а асистентка кореографка е Саша Евтимова.
„Спојот на традицијата со визуелната иновација, футуристичката виртуелна сценографија ќе ја одведат публиката на патување низ древниот Египет раскажувајќи приказна за љубовта“, вели уметничката директорка на Операта, Бисера Чадловска, која операта првично ја видела во Џенова и одлучила да ја донесе истата продукција во Скопје.
Диригентoт Довико вели дека разликата во однос на изведбата на матичната сцена во Џенова и во Скопје е во тоа што оркестарот не е целосно на сцена, туку дел е во оркестарската школка. Италијанскиот диригент нагласи дека претставата е микс на традиционално и модерно и дека најголем предизвик е музиката да се координира со проекциите, односно тие да се приспособат на темпото.
Во главните улоги се: Благица Поп Томова како Аида, Амади Лага (Франција/Тунис) како Радамес, Ирена Кавкалевска како Амнерис, Борис Трајанов како Амонсаро, Владимир Саздовски како Рамфис и Евгениј Станимиров од Бугарија како Фараонот.