Минатата недела ЈСП „Скопје“ соопшти дека лицата со посебни потреби ќе можат да се возат во автобусите со куче-придружник. Тие објаснија дека оваа одлука е донесена поради тоа што кучињата-придружници се навистина многу потребни за овие лица при извршувањето на секојдневните обврски. По овој пример, сега и одговорните од Археолошкиот музеј изјавија дека лицата со попреченост ќе можат да влезат во Музејот со своите кучиња-придружници.
„Како општествено одговорна институција која прва меѓу музеите во нашава држава ја донесува оваа одлука, апелираме дека институциите од областа на културата треба да бидат достапни секому и да придонесат за подигнување на свеста и овозможување слободен пристап на кучињата-придружници“, велат од Археолошкиот музеј.
Музејот е отворен секој ден од 10 до 18 часот, освен понеделник. Во тек е ексклузивната изложба „100 години Требениште“, со над 400 артефакти од некрополата во Требениште, Охрид, заедно со прочуените златни маски кои се наоѓаат во музеите во Бугарија, Србија и Македонија.