Категории

Истражи ја Крива Паланка- поврзи се со природата – Дајте си мир на душата, посетете го преубавиот манастир “СВ Јоаким Осоговски”

Посетете го едниот од најзначајните манастири во Македонија, манастирот Св. Јоаким Осоговски (Сарандопорски). Основан е во XII век, кога оваа област се наоѓала во состав на Византиското Царство, во време на владеењето на царот Манојло Комнин (1143-1180). Манастирскиот комплекс е лоциран на околу 3 километри источно од Крива Паланка во месноста Сарандопор. Распослан на падините на осоговието, опкружен со бујна вегетација, столетни букови и дабови дрва, бројни извори на вода, на околината се шири поглед со живописни пејсажи во секое годишно време приказна за себе, место кое исполнува со мир, спокојство и позитивна енергија.

Самиот манастирски комплекс претставува посебен и специфичен конгломерат од сакрални и профани објекти, каде централно место завземаат двете цркви, Св. Јоаким Осоговски и Рождество на Пресвета Богородица. Најмонументалниот објект претставува големата манастирска црква посветена на преподобниот пустиножител и чудотворец Св. Јоаким Осоговски. Манастирот од своето основање имал просперитетни периоди и економски кризи, бил разрушен од земјотрес во 1585 година, повеќепати бил оштетуван, опожаруван и слично, а денешниот изглед го добил во 1851 година. На манастирот работела тајфата на познатиот Андреја Дамјанов.

Во архитектонска смисла манастирот претставува трикорабна црква, со дванаесет куполи кои ги претставуваат дванаесетте апостоли, со три апсиди на источната и куполесто засводен трем на јужната и западната страна. Најголемиот дел од внатрешноста на црквата и куполите се насликани од Димитар Андонов Папрадишки. Живописувањето на целиот храм се одвивало во подолг временски период од 1885 па се до 1945 година. Папрадишки идејно и технички го изработил и концептот за иконостасот кој бил изведен од локален мајстор.

Во 2010 година стариот иконостас е заменет со нов кој е изработен во длабока резба, а од стариот се зачувани само царските двери. Внатре во манастирската црква, веднаш десно од влезот се наоѓаат моштите на светецот „Св Јоаким Осоговски“, каде верниците застануваат да побараат благослов. Интересно е и тоа што пред влезот на манастирот е поставено обележје испратено директно од турскиот султан, кое означува дека манастирот е свето место и под заштита на султанот, тоа според преданијата ја претставува почитта на турската власт спрема чудотворната моќ на Свети Јоаким, што претставува вистински раритет. Покрај големата манастирска црква се наоѓа помалата црква посветена на раѓањето на Св. Богородица. Тоа е најстариот објект во манастирскиот комплекс и е поставена на темелите на црква од XI/XII век. Според архитектонскиот концепт претставува крстообразна еднокуполна црква со основа во форма на грчки крст со тристрана апсида на исток и влез на запад. Надворешноста ја карактеризира типично византиски начин на градба.

Денес Манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ и целиот манастирски комплекс како и векови наназад претставува духовен центар во кривопаланечко но и поширокиот регион. Секоја година на 28 и 29 август ( 29 август денот посветен на светителот Јоаким Осоговски) во манастирскиот комплекс се одржува голем народен собор, при што низ манастирот минуваат и по неколку десетина илјади посетители. Освен духовно, манастирскиот комплекс претставува исто така место каде се одржуваат бројни реномирани меѓународни, научни, културни и спортски настани, како што се меѓународната ликовна колонија, архитектонска школа во текот на летото, бројни локални културни настани.

Дознајте ја на лице место легендата за тоа како манастирот успеал да опстои толку многу години под османлиска окупација. Истражете ја старата архитектура, но и опуштете се во етно ресторанот кој ќе Ви понуди вкусна традиционална храна и добра услуга во традиционален амбиент.

 

 

Оваа публикација е финансирана од страна на Делегацијата на ЕУ во Косово* во рамки на  ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Косово и Северна Македонија