Категории

Скопје се сеќава: 56 години од катастрофалниот земјотрес кој го погоди нашиот град!

На 26 јули 1963 година во 05:17 часот, Скопје било разурнато од земјотрес со 9 степени по Меркалиевата скала (MCS), односно магнитуда од 6,1 степени и длабочина од 5 до 7 км. Главниот потрес траел 20 секунди, а помали потреси имало до 5 часот и 43 минути.

Скопскиот земјотрес се почувствувал на простор од околу 150.000 квадратни километри, најсилно низ долината на реката Вардар (5-6 степени), но и низ цела Македонија (4-5 степени), па и во соседните држави. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе останале без покрив над глава. Под урнатините животот го загубиле 1070 негови граѓани, а биле повредени над 4000 граѓани. Штетата од земјотресот е проценета на 15% од БДП-то на цела Југославија за таа година или во денешна вредност помеѓу 3 и 5 милијарди долари, односно повеќе од целиот годишен буџет на Република Македонија.

Покрај наведените огромни штети, земјотресот сепак бил од локален карактер, а се смета дека неговиот епицентар бил кај населбата Злокуќани. По земјотресот градот почнал да се гради според модерните проекти на јапонецот Кензо Танге и на Адолф Циборовски (иако при тоа имаше и одредени пропусти кои денес влијаат на поголемата загаденост на градот). Старата железничка станица денес е Музеј на Град Скопје и претставува симбол на големиот земјотрес. Часовникот на станицата е засекогаш сопрен на фаталните 5 часот и 17 минути изутрина.

Прегледи:
1107
Објавено на:
26.07.2019