Категории

Дали Македонија ќе го има првиот добитник на Оскар? „Медена земја“ продолжува да го освојува светот!

Ги освои сите можни награди, ги освои срцата на публиката, а сега приказната за Атиџе е на пат да освои Оскар!

„Медена земја“ – документарецот во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е избран за македонски кандидат за Оскар, во категоријата најдобар странски филм

Според информациите од Друштвото на филмски работници, одлуката ја донела Комисијата за избор на македонски кандидат за наградата во состав на Игор Иванов, режисер и претседател на ДФРМ, Ангела Несторовска, продуцент, Аксел Мехмед, актер, Сашко Потер Мицевски, филмски монтажер и дизајнер на звук, Игор Ангелов, актер, Дина Дума, режисер и Горан Игњатовски, шминкер, а е прифатена и одобрена од Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука.

Во домашната конкуренција беа и филмовите: „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ во режија на Теона Стругар Митевска, „Еј“ во режија на Васил Христов, „Дедо и внук“ во режија на Илија Пиперковски, „Боите на Преспа“ во режија на Перо Попов и „Џезмен“ во режија на Аљоша Симјановски.

„Медена земја“ влезе и меѓу 12 кандидати за најдобар документарец на годинашните Европски филмски награди, познати и како европски Оскар, што ги доделува Европската филмска академија. Во поширокиот круг филмови кои ќе конкурираат за Европски оскар во оваа категорија се вклучени 12 документарци од 12 земји, меѓу нив и „Адвокатка“ за легендарната израелска адвокатка за човекови права Леа Цемел.

„Медена земја“ освои многу награди, а триумфираше на фестивалот „Санденс“ каде беа наградените и снимателите Фејми Даут и Самир Љума.

Официјалната македонска премиера на документарецот ќе се одржи на 28 август (среда) во Куршумли ан, на затворањето на 10. издание на фестивалот за документарни филмови „Македокс”. Истиот ден, во рамки на фестивалот, ќе има проекција и во Младинскиот културен центар.

Пoчнувајќи од 29 август (четврток), македонскиот победник на „Санденс” ќе се најде на редовниот репертоар во скопското мултиплекс-кино „Синеплекс” во „Скопје сити мол”.

 

 

Прегледи:
487
Објавено на:
27.08.2019