Секоја година во рамките на програмата Црвен крст во Акција- Промоција на Хумани Вредности (ЦКА-ПХВ) се одбележува недела на Промоција на хумани вредности, од 21 до 27 септември. Оваа година организираме ПХВ дефиле на 25 септември со почеток во 11.00 часот, во секој град низ државата. Сите заедно, моќно да пратиме порака за вклучување, соживот, толеранција и мир.
Младите ќе организираат креативни работилници на кои ќе се изработат пораки за вклучување, мир, разбирање под мотото “ Дефилирај, не се фолирај!” “ Defilo, mos u shtir!”
Во Скопје настанот ќе започне во 11.00 пред СУГС ”Орце Николов”, и 500 лица ќе се движат по бул. Илинден до крајната дестинација „Школка“ во Градски парк каде ќе има и пригодна програма. Рутата за дефиле ќе биде во должина од 2 км и за време на дефилето, учесниците ќе ги придружува Градскиот оркестар. Долж рутата, ќе дефилираат млади волонтетери, ученици, студенти, лица од трето доба, лица со попреченост… заедно во името на хуманите вредности.
Програмата Црвен крст во Акција- Промоција на Хумани Вредности (ЦКА-ПХВ) претставува национална алатка за привлекување и задржување на волонтери во Црвениот крст на Р. Северна Македонија.
Младите добиваат обука за вредностите на Црвениот крст, учат за културата како систем од вредности, за културата на дијалог како основен предуслов за градење на интеркултурно општество. Тие во текот на овие обуки добиваат и практични знаења како да изработуваат мали проекти за добробит на заедницата во којашто живеат, а при тоа се охрабрени да ги користат сопствените капацитети за изработка на проектите преку кои помагаат на ранливото население.
Во текот на цилкусот 2019 година обуката ја поминаа 1100 младинци, и беа изработни 150 мали проекти за добробит на заедниците во коишто живеат. Преку овие проекти тие помогнаа и поддржаа околу 3.800 лица од различни ранливи категории, вложувајќи околу 34.000 волонтерски часови.
Лице за контакт: Александра Ристовски-Национален координатор на програмата 070/317-601