Деновиве на интернет може да се види видео снимено во една страница на подземната железница во Лос Анџелес, на кое главна ѕвезда е бездомничка, која со својот прекрасен глас пее опера од Пучини.
Снимката е снимена од полицаецот Хектор Гузман, а за само неколку дена, видеото собра стотици илјади прегледи на социјалните мрежи. Сега сигурно се прашувате која е навистина оваа жена и зошто завршила на улица?
52-годишната бездомничка се вика Емили Замурка. Пред 28 години, од Русија пристигнала во САД. Таа е професионална виолинистка која завршила на улица поради високата цена за лекување на здравствени проблеми со кои се соочува. Сè што имала била нејзината скапа виолина вредна 10.000 американски долари. Но, некој и го украл вредниот музички инструмент и Русинката останала без ништо, останала само со нејзиниот ангелски глас.
Бројни американски ТВ станици сакаат да ја интервјуираат, луѓето сакаат да ја дознаат вистината за неа, а Емили е многу среќна што слуша толку многу убави коментари. Пристигнуваат бројни понуди за финансиска помош и изгледа дека оваа прекрасна жена ја чека подобра иднина.