Категории

#365среќа Беле Беле: „Најголема среќа е да имаш за кого да пееш и да ја правиш публиката среќна“

Кубанското дуо „Беле Беле“ го сочинуваат егзотичната Јасмин Лопез и Онелито. Тие се познати по своите динамични забави, одличната атмосфера која секогаш владее на нивните забави предизвикувајќи кај публиката големо количество на позитивна енергија, многу танцување и забави кои се паметат.

Кристина: Што значи Беле Беле и зошто токму тоа име го избравте како име за вашето дуо?

Беле Беле: Беле Беле на шпански значи дружба, многу луѓе заедно на забава. Некое време размислувавме како да се вика нашето дуо и одлучивме дека тоа име најдобро го дефинира тоа што го сакаме ние – многу луѓе на едно место кои зрачат со среќа и кои се забавуваат на нашата музика.

Кристина: Изминатиов период учествувавте на многу фестивали како во Македонија, така и во странство.Може ли да одвоите една награда или признание?

Беле Беле: Изминатиов период бевме на три фестивали: Охрид-Фест, Макфест и меѓународниот фестивал „Златен Кестен“ во Бугарија. Ќе го издвоиме фестивалот во Бугарија „Златен Кестен“ каде што и покрај големата конкуренција го освоивме првото место.

Кристина: Учествувавте и на македонскиот фестивал „Макфест“, каде што ја изведовте песната „Врела крв кубанска“ чиј автор е Григор Копров. Какво искуство ви донесе овој фестивал?

Беле Беле: Макфест за нас беше многу интересно искуство затоа што првпат бевме заедно четворица на една таква голема сцена и што учествуваме на еден од најреномираните македонски музички фестивали. Нашиот настап беше одлично прифатен од публиката, добивме громогласен аплауз и многу позитивни критики од публиката.

Кристина: Која е вашата дефиниција за среќа?

Беле Беле: Среќа е да го работиш тоа што го сакаш. Музиката е тоа што не исполнува. Да правиме музика, да имаме за кого да пееме и да ја правиме публиката среќна – тоа нас нѐ прави среќни.

Кристина: Слушате ли македонска музика? Кои се вашите омилени македонски артисти?

Беле Беле: Многу ни се допаѓа македонската музика, но најмногу ни се допаѓа македонската народна музика. Од познатите македонски музичари ни се допаѓа Тоше Проески кој е број 1 и пејачката Тамара Тодеска – тие двајцата се нашите омилени изведувачи. Од новата генерација би ја издвоиле пејачката Антониа Гиговска.

Разговорот го водешеКристина Поптрпева

ЛокацијаБродот на среќата

Стајлингivaspasovska_atelie

Прегледи:
692
Објавено на:
24.10.2019