Категории

Отсекогаш велев дека личам на тато, а јас сум всушност иста како тебе…

Ти која си ме носела девет месеци под срцето. Ти која си ме родила и сама ми дала име, да не го наследам од никого и да не биде често, да бидам своја.

Те држев за здолништето до седмата година и плачев кога и да тргнеше на работа. До десеттата година спиев во твојата ноќница. Онаа миризлива, розова, со три копчиња на градите. До осумнаесеттата година одвај неколку пати преспав надвор од дома.

Замисли, не сум ти кажала дека за мене беше тотален мрак во полна куќа кога ќе дојдев порано од училиште, а ти не беше тука. И дека ми беше најубаво секое утро кога низ сонот ќе го слушнев твојот глас.

Отсекогаш велев дека личам на тато, а јас сум всушност иста како тебе. Помалку загрижена, внимателна и неодлучна. Бргу избувнувам, но уште побргу се смирувам и ги заборавам лошите страни на луѓето и секогаш од почеток давам шанси. Замисли, никогаш не сум ти кажала колку сум среќна што личам на тебе. На тебе која си и столб и темел и кров. На тебе без која куќата за секунда ми се срушила и без која молкот би траел долго. Поради тебе куќата мириса на пециво, на овошје, на колач од вишни и шеќер во прав. Поради тебе постелнината мириса како што не мириса на ниедна друго место – на сонце, на твоите раце и на мир. Си исцедила илјада облоги, си варела безброј чаеви и којзнае колку ноќи си останала будна покрај моите нозе. Илјадници пати си се разбудила од немирен сон за да видиш дали уште гори светлото и си се плашела наутро дали сите обувки се на број. Безброј недели си поминала готвејќи, пакувајќи, испраќајќи. Ни даде сѐ и го зачува домот.

Би сакала повеќе да се смееш и помалку да се грижиш и да ти се врати преку мир секое добро што си го направила за другите.

Замисли мамо, никогаш не сум ти кажала, но ти си зеницата во моето око и најубавиот мирис од моето детство. Мојот дом цел живот ќе биде онаму каде што си ти.

 

 

 

Автор: Ангела Бисак

Прегледи:
1033
Објавено на:
07.11.2019