Сите сакаме да бидеме задоволни од својот живот и да уживаме во своите ‘плодови’, но тоа не оди така лесно. Потребно е да се помине цел процес, да се следат сите чекори кои водат кон целта.
Не може по некој краток пат да се качите на врвот на некоја планина, туку чекор по чекор, трпејќи ги сите напори на качувањето, одејќи по угорницата, со мали одмори и да собереме сили, да го продолжиме својот пат кон врвот.
Трпението е горко, но плодовите се слатки. Нема краток пат за воспоставување на добри и складни односи со другите. Треба да се гради свој карактер, да се тежнее за вистина и правда, да се даваат и одржуваат ветувања, да се има чувство за другиот, да се превземе иницијатива и така ден за ден се додека не се стекне доверба, која со една грешка може лесно да се изгуби.
Не се станува успешен преку ноќ. Потребно е многу часови, денови, недели и месеци на работа на себе, да се прифатиме себе си онакви какви што сме, подготвени да се менуваме, да бидеме подобри. Потребно е многу пот и солзи, нашиот труд да донесе плодови од кои ќе уживаме, многу откажувања за да сфатиме дека она што примаме е многу подобро од она што губиме.
Еднаш кога ќе разбереме дека трпението е единствен мост кој не’ води во подобар живот, нема повеќе да се двоумиме дали напред или назад, бидејќи ќе знаеме дека тешките патишта имаат вредност многу поголема од својата тежина а таа е целта кон која се оди.
Секој ден, секој момент, битката е да се остане доследен на целта која сме ја избрале. Онолку колку што ќе одлучиме да бидеме трпеливи, толку еден ден ќе бидеме благодарни за се’ што сме поминале.
by Рита
Преземено од: o3zona.net