3. декември го одбележуваме како Меѓународен ден на лицата со посебни потреби. Терминот посебни потреби може да означува многу разни состојби: од мали потешкотии во учењето, изразени интелектуални потешкотии, психијатриски нарушувања, хронични болести итн.
На овој ден е посебно се посочуваат потребите и проблемите кои ги имаат и со кои се соочуваат лицата со посебни потреби. Но, како што велат многу здруженија, невладини организации, сојузи за лицата со хендикеп – не е доволно само еден ден да им се посвети внимание на овие лица и на нивните права за еднаквост со другите. Тоа треба да биде секој ден, да претставува дел од човечкото општество. Овие лица најмногу бараат еднаквост, самостојно живеење и функционирање во општеството.
По повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби – 3 декември, во организација на ЦИВИЛ, денеска во Музејот на Град Скопје ќе се одржи панел дискусија на тема „Рампа“ посветена на потешкотиите со кои се соочуваат лицата со попреченост во општеството, како и на процесите за деинституционализација и пристапност до услугите од институциите на локално и национално ниво.
На оваа панел дискусија ќе говорат скопскиот градоначалник Петре Шилегов, Душан Томшиќ и Вангел Тркаљанов од Министерството за труд и социјална политика, Благица Димитровска од Здружение за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ Куманово, Сандра Пешевска Мицковска активистка за правата на лицата со посебни потреби и Џабир Дерала од ЦИВИЛ.