Не почнува вистинскиот живот кога човек ќе се ожени, или вработи, добие деца, заврши факултет, не, вистинскиот живот започнува кога човек ќе се ослободи од своите стравови и емоционално ќе созрее. Не носи само знаењето слобода, туку и емоциите.
Емоционално балансираниот живот е клуч на сѐ. Само емотивно слободниот човек е слободен човек, интелектуалецот целиот заплеткан во своите шеми и конструкции може да знае сѐ, но како суштество да биде блокиран бидејќи сѐ му поминува низ глава. А не е сѐ во глават, туку во целото тело. Емотивно блокираното суштество блокира сѐ околу себе, поробува, додека слободното, ослободува. Лутината и потиснувањето со години се собираат во човекот, се одразуваат врз говорот, мислите, начинот на живот, здравјето, додека човекот тоа не го ослободи и во биолошка смисла, не само психичка, не може нормално да се движи и да мисли слободно и растеретено.
Телото сѐ памти, ако е човекот радосен, телото е радосно, живо. Ако е човекот преплашен, телото е преплашено. Затоа служат насмевката, играта, танцувањето, не за банална забава туку за ослободување на телото, а со тоа и на психата.
Вистинскиот живот започнува кога човекот продишува и проговори со својот внатрешен глас. Кога знае дека она во него е посилно од сѐ она позади него.