Категории

ХУМАНИТАРЕН ПРОЕКТ „ТОПОЛ ДОМ ЗА СИТЕ“

Здружението за хумано – општествен развој „Проект Среќа“ денес, 19 декември 2019 година, во Конгресната сала на спортскиот центар Борис Трајковски (А1 Арена), со почеток во 11 часот, ќе одржи прес конференција на која ќе биде најавен новогодишниот хуманитарен проект „Топол дом за сите“ за реконструкција на живеалишта каде што живеат деца во тешки и нехумани услови.

На средбата со медиумите ќе зборува Кристина Арнаудова која е и продуцент и автор на целата кампања ,,Топол дом за сите,“ преку нејзиното здружение „Проект Среќа“, а ќе биде промовирана и песната и видео записот кои што ќе бидат поддршка на кампањата.

Станува збор за уникатна новогодишна песна, а во неа и во видеото учествуваат низа јавни личности – Кристина Арнаудова, Биба Додева, Дани, Дарио, Ѓоко Танески, Ај Кју, Лина Пејоска, Сара Мејс, Ване Марковски, Димитар Атанасовски и Сашко Коцев. Децата од Дневниот центар за деца од улица ,,Шуто Оризари“ и Фаик, ја имаат главната улога во видео записот и се главни ѕвезди во песната што ја пренесува пораката на проектот.

Самиот проект кој стартува на 19 декември и ќе трае до 15 јануари, е со цел да се соберат средства по пат на донации за обезбедување хумани услови за живот во домовите на 15 деца со социјален ризик.