Категории

Најпознатиот истанбулски мачор има своја бронзена статуа

Сеќавањето на овој мачор е зачувано засекогаш во вид на статуа која е поставена на неговото омилено место. Томбили, како што го нарекувале, бил познат низ улиците на Истанбул каде што живеел. Не е познато дали имал свој дом, но овој мил, буцкаст мачор добивал храна и внимание од луѓето во изобилие.

 

Неговата популарност се проширила и преку границите на Турција, откако неговата слика се појавила на социјалните мрежи. Поради својот став, станал олицетворение на опуштена мачка.

По неговата смрт, голем број на луѓе оставале писменца на неговата омилена клупа, со пораки како оваа: „Ќе живееш во нашите срца. Маскотата на нашите улици, саканиот Томбили ја изгуби борбата за живот по еден месец и ги затвори очите на 1. август.“

Набргу по неговата смрт е започната петиција за поставување на бронзена статуа за неговиот дух да може да продолжи да ужива на омиленото место во Истанбул.

Денеска, статуата е откриена за јавноста – за сите оние кои го нарекувале свој пријател и миленик, како и за другите љубители на мачките, за да му оддадат почит на мачорот кој знаел да ужива во малите задоволства во животот.

Прегледи:
735
Објавено на:
29.01.2020