Ногавица
По напорен состанок на работа, дотерана, на високи штикли, се залетав пешки до продавница откако колешката ми кажа дека донеле нови модели на кондури – салонки. Очите ми се ококорија кога додаде дека се на попуст. Отидов, ја имаше бојата која ми треба, во идеалната нијанса, ама како што бива кога нешто ептен ќе те бендиса, немаше за мене број. Се јави продавачката во другата продавница да праша за број, имало таму. Ѝ велам, нека ги чуваат, одма доаѓам. И пак пешки до втората продавница. Цркнав, ама жените ќе ме разберат. Ако беше потребно и до некоја трета продавница ќе отидев. Овие малку ми беа тесни, ама ме убеди продавачката дека ќе се рашират со носење и не ѝ требаше многу. Ги земав. Едвај стоев на нозе. Не си нормална, си викам, кај се акаш за едни салонки, чудо големо ако ги имаш, еднаш ќе ги облечеш и толку. Ама меракот ми се направи, па макар не ги облекла ниту еднаш.
И додека стоев така на семафори и цупкав во место зошто веќе премрзнав и нозете ужасно ме болеа, го гледам него. Го знаете можеби и вие, средновечен човек кој обично проси на семафори, се потпира на бастун, зошто нема една нога. Го имам видено и претходно истиот човек, ама сега имав впечаток како прв пат да го гледам. Можеби заради тешко освоените кондури кои ги држев во рака и отечените нозе, погледот ми заврши во неговата свиткана ногавица… во празнината… и во неговиот чевел… еден… Истиот носен кој знае колку пати, за разлика од моето еднаш. Не знам каде во тој момент ми одлета еуфоријата поради новите кондури, ама ја снема. Исчезна. Како да се усрами пред човекот, или од мене, па се скри. Ми прелета низ мисли она – кукав затоа што немав кондури, се додека не видов човек кој нема нозе. И нозете одеднаш престанаа да ме болат. И мојата болка од срам се скри… пред неговата. Колку ли многу повеќе боли таа празна ногавица?
Фејсбук статус на Калина Коси