Јувал Ноа Харари е модерен филозоф, историчар, професор на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим и најпродаван автор, чии најпознати дела се „Сапиенс“ и „Хомо Деус“. Неговото истражување се фокусира на макроисториски прашања како што се: Која е врската меѓу историјата и биологијата? Која е суштинската разлика меѓу хомо сапиенс и другите животни? Дали има правда во историјата? Дали историјата има насока? Дали луѓето станаа посреќни додека се развиваше историјата? Харари го смета незадоволството како „длабок корен“ на човечката реалност и затоа го поврзува со еволуцијата.
Во време кога светот се соочува со огромна криза, прочитајте што има тој да каже во врска со светската пандемија која ни се случува.
„Одлуките што ќе ги донесат луѓето и владите во следните неколку недели, веројатно, ќе го моделираат светот во годините пред нас. Ќе ги дизајнираат не само здравствениот систем, туку и нашата економија, политика и култура“.
„Мораме да дејствуваме брзо и решително. Исто така, треба да ги земеме предвид долгорочните последици од нашите постапки. При изборот, треба да се прашаме не само како да ја надминеме непосредната закана, туку и во каков свет ќе живееме откако ќе помине невремето. Да, бурата ќе помине, човештвото ќе преживее, повеќето од нас сè уште ќе бидат живи – но, ќе живееме во поинаков свет“.
View this post on Instagram
„За да се постигне високо ниво на усогласеност (на личните постапки) и на соработка, потребна е доверба. Таа со децении деградира. Веќе не им веруваме на медиумите, на јавните институции, па дури ни на науката. Очекувано е довербата што еродира со години да не може да се обнови преку ноќ. Но, ова не се нормални времиња. Во момент на криза, свесноста може да се промени еднакво брзо. Кризава ни покажа дека е можно (довербата) да се воспостави повторно и тоа во краток временски период“.
„Навистина, многу краткорочни итни мерки ќе станат начин на кој ќе се живее понатаму. Тоа е природата на кризите. Тие ги забрзуваат историските процеси. Одлуки што во нормални услови би можеле да земат години на размислувања и усогласувања, се донесуваат за неколку часа. Човештвото треба да направи избор. Дали ќе продолжиме по патот на неединство или ќе го прифатиме патот на глобалната солидарност? Ако избереме неединство, тоа не само што ќе ја продолжи кризата, туку, веројатно, ќе резултира со уште полоши катастрофи во иднина. Ако избереме глобална солидарност, тоа ќе биде победа не само против вирусот корона, туку и против сите идни епидемии и кризи што можат да го нападнат човештвото во 21 век“.