Категории

Бакнежи со вкус на поле од јагоди – Недовршени приказни за една непостоечка љубов

Времеплов до блогот кој преку кратки приказни не растреперуваше и разголуваше до најсуштинските емоции кои ги чувствуваме, особено кога станува збор за љубовта. 

Недовршени приказни за една непостоечка љубов е едно прекрасно доживување испреплеткано со суровата реалност и бујната фантазија  на тогаш тринаесет годишната Софија Сионова.  Низ нејзините недовршени приказни ти ја довршуваш твојта сложувалка на нерешени чувства и намери. Додека полека, но сигурно се топиш меѓу  пишаните зборовите и одеднаш се будиш зграпчен од болката на препреките што си ги исковал не сакајќи да си искрен со себе. Автентичноста во нејзиниот стил на пишување се крие во нескротливата искреност и порив, се да исплива на површината, а најмногу љубовта. Ова е една од многуте недовршени приказни:

Бакнежи со вкус на поле од јагоди

Бакнежи со вкус на поле од јагоди, забранети, а сепак толку слатки, тој вид на бакнежи кои нема да ги почувстувам на мене, на мојот врат и на секаде по моето тело. Тие бакнежи по кои толку силно копнеам. Мешавина од разни вкусови,од тага, среќа, љубов и мирисот на твоето тело. Бакнежи кои не ги чувстуваш само на твоите усни туку насекаде по телото и по малку на душата. Случајни како нашето запознавање, а измислени како секоја лага која ја кажуваме. Бакнежи и допири кои ти ја ежат душата оставајќи да молиш за повеќе како тежок наркотик од кој не можеш да се откажеш. Отсекогаш сум го сакала забранетото и она што не смеам да го имам, а ти си таков, но описите за тебе станаа досадно клише. Ладните твои прсти по мојот врат и твојата уста на моите усни-совршена идила од мојот измислен филм каде што ти ја играш главната улога.

Романтичен филм каде што глумиме јас и ти, а сепак режисер нема, го оставаме филмот сам да се режира, овој пат без да се свртиме назад и да ги погледнеме грешките. За прв пат откако се случи сево ова ние живееме за моментот и дишеме за нас. Вкусот на нашите бакнежи е сладок како сонот кој го сонуваме, а сепак горк како реалноста во која живееме. Реалноста како да беше измислила свој план со кој ќе не оддели еден од друг,како да не сакаше да бидеме заедно, да чувстуваме нешто повеќе од тоа што ни беше дозволено, а не ни беше дозволено да се љубиме, а сепак ние се љубевме како да беше крај на светот, исто како последниот ден од нашето тажно постоење. Филмот отсекогаш ни беше поубав од реалноста, а на оваа измама од постоење и се ближеше крајот. Бевме среќни после толку многу сплетки и дешавки кои не определуваа како едно живо суштество кое молеше за својата среќа. Пеколни беа деновите кога се каравме, а сепак понекогаш кавгата ја решававме со смеење затоа што такви бевме и сеуште сме. Колку и да се лажеме и да одрекуваме дека тоа се промена,јас не верувам дека ние ќе се промениме повеќе од она што се променавме досега, а многу се променавме.

Времето е сведокот на нашата љубов, нашата лага и креативноста поради која летаме високо во облаците. Невиниот поглед во нашите очи каде се гледаше целата љубов која ја чувстувавме иако не смеевме да ја искажеме. Бевме бегалци од затворот на реалноста и уживавме во тоа, уживавме еден во друг како никогаш да не сме уживале во ништо. Сепак, бевме ништо, на еден тажен и депресивен начин реалноста пркосеше на нашите судбини оставајќи не да се снаоѓаме сами еден без друг. Пустина без капка вода и дожд без зрак на светлина беше филмот во кој глумевме иако нас не немаше во него. Како најмала единица на безначајните животи кои ги живеевме го чекавме денот и моментот кога филмот ќе премине во реалност. Се уште го чекаме, а тој никако да дојде…

 

Прегледи:
598
Објавено на:
27.08.2020