Категории

Вмрежувајте се, помагајте си локално и барајте константно можности – Stella Network

Менторската мрежа на Stella е онлајн платформа што поврзува девојки и жени со искусни менторки кои нудат индивидуално менторство во различни академски и професионални области.

Претприемништвото е познато по своите предизвици, но дали предизвиците со кои се соочуваат жените претприемачи се поразлични?- Одговорот на ова прашање и многу повеќе се крие низ нашиот разговор со Stella Network – организација која е на мисија да инспирира и поврзува девојки и жени преку унапредување на пристапот до образование, можности за претприемништво и социјални промени. Дознајте повеќе за нивните активности, досегашни проекти и суштински истажувања на темата жените во претприемништвот:

Кој е тимот позади Stella Network и како започна вашата иницијатива ?

Нашата мисија започна како иницијатива во 2017 година под покровителство на Импакт – Институт за истражување во Скопје. Во тоа време, нашиот постојан тим беше група од пет ентузијастки кои работеа во академија, влада и на теренската работа во бегалските кампови. Ние се обединивме за да се спротиставиме на фактот дека додека мнозинството жени успешно го завршуваат високото образование, тие не бараат активно работа и остануваат претежно економски неактивни. Почнавме разговори низ целата земја и создадовме безбеден простор кој им недостасуваше на жените за да споделат со што се соочуваат во секојдневнот и професионалниот живот. Ја воспоставивме и првата менторка мрежа предводена од жени за жени, во Северна Македонија, која првенствено се фокусираше на високото образование. Со малку ресурси, но со огромна страст за позитивни промени, сфативме дека нашата иницијатива прерасна во нешто поголемо и потребно е да се воспостави своја структура. Во август 2018 година, ја регистриравме Стела како непрофитна организација во Северна Македонија.

Нашата разноликост е нашата сила. Ние сме 11 жени и мажи, професионалки и професионалци во науката, граѓанското опшество, владиниот сектор и меѓународните организации на возраст од 24-35 години со различни позадини. Иако живееме во различни делови на светот (Скопје, Тетово, Амстердам, Лондон и Будимпешта), ние ги негуваме нашите локални корени во Северна Македонија. Цврсто веруваме во солидарност. Ние работиме преку истражувања и проекти базирани на податоци. Ние сакаме да придонесеме кон родовата еднаквост и управување со животната средина. Проект по проект, се стремиле за структурни промени. 

Што воочивте како клучен проблем кога станува збор за жените како претприемачи, нивната присутност и информираност за можности?

Како најголеми предизвици за развој на женското претприемаштво и започнување со деловни потфати се детектирани пристапот до финансии, до информации, пристап до знаење и вештини за претприемаштво, пристап до бизнис-мрежи и усогласување на работниот и семејниот живот, Но, она на кое наидовме не само преку разговорите со жените и девојките туку и преку нашите истражувања, дека неретко и културно-социјалните препреки имаат клучна улога во однос на информираноста, меѓу кои и традиционалната улога на жената во семејството и современиот начин на живеење што бара целосна вклученост во општествените и економските текови, притисок од средината за местото на жената во семејството, недоволен број детски градинки, социјална структура. Во овој контекст потребно е да се истакне дека последните години функционираат неколку менторски мрежи и здруженија ( Startup Macedonia Mentoring PlatformMacedonian Mentoring NetworkЗдружение на бизнис жени) во земјата кои поврзуваат претприемач(к)и од земјата и регионот и нудат информации и ресурси за оние што сакаат да започнат бизнис, само што започнале, но и за оние кои подолго време се занимаваат со тоа. 

 Сепак, многу е значајно сите програми и активности кои се насочени кон оваа таргет група да имаат и непосреден контакт, односно изложеноста на инфомрации не смее да остане само онлајн. Напротив значајно е да се актуелизираат овие можности на локално, општинско ниво во нашите заедници.

Што би им препорачале на жените претприемачи ?

Да се борат и да се охрабруваат едни со други. Многу е важно да се зборува за одредените предизвици кои ги има во полето на женското претиприемништво, бидејќи така се повеќе се пренесува наративот дека секој има потешкотии кои може да се надминат преку споделување на искуства и совети. Вмрежувајте се, помагајте си локално и барајте константно можности. Постојат различни програми, работилници и мрежи кои работат во ова поле и значајно е да се биде дело од нив.

Што би можеле да ни споделите за вашата менторска мрежа за жени?

Менторската мрежа на Стела е онлајн платформа што поврзува девојки и жени со искусни менторки кои нудат индивидуално менторство во различни академски и професионални области. Основата е една-на-една насоки и совети за менторирани жени и девојки преку индивидуално менторство во остварувањето на понатамошни студии и/или работни места што најдобро одговараат на нивните интереси. Во моментов дел од мрежата на Стела се над 90 менторки од Македонија, но и од други држави од регионот и целиот свет и околу 60 менторирани. За да се регистрирате како менторка и/или менторирана посетете ја нашата веб страна и пополнетете го формуларот. 

Но освен тоа, Стела е многу повеќе од менторска мрежа, нашиот пристап ја возобновува идеата дека родовата еднаквост се базира врз емпатија, солидарност и разбирање. Менторскиот процес освен што придонесува на академско и професионално подобрување, истиот многу влијае и врз личниот развој.

Кои настани може да ги очекуваме од вас во  иднина?

Во наредниот период ни преостануваат две работилници од серијалот Отклучи го твојот потенцијал, едната за кариерно советување која ќе се одржи на 26 септември, потоа работилница за градење моден бренд и одржливост на 3 октомври. Ова произлезе како идеа од нашите едукативни работилници на кои поканивме жени од текстилната индустрија да ги споделат своите предизвици, можности и успеси. Инспирирани од нивната борбеност одлучивме подлабоко да навлеземе во темата и ги споделиме директно нивните способности со девојките.  

Дополнително на 17 и 31 октомври следат две работилници за претприемништво за жени и девојки, а во тек е и подготовката за два настани со успешни претприемачки од земјата и регионот на македонски и албански јазик. Она што е значајно е дека како Стела Мрежа, се трудиме да се поврзуваме со регионот, бидејќи еден од заклучоците преку нашите вмрежувања и истражувањеа, е дека регионално имаме заеднички предизвици во родовата еднаквост.  За да бидете во тек со нашите активности и можности следете ги нашите социјални медиуми и навреме информирајте се.

Што претставува среќа за тимот на Stella N. ?

Среќа преставува успешно завршено менторство. Кога гледаме дека менторираните девојки преку вмрежувањето и менторскиот процес со нашите прекрасни менотрки успеале да ги реализираат конкретните поставени цели за нивната академска или професионална иднина. Дополнително на тоа, кога ја гледаме мотивираноста на нашите учеснички во работилниците, нивната желба за унапредување и ентузијазам.

Навистина е среќа што ве имаме! Ви посакуваме многу успех во иднина, а доколку сакате да продолжите да ги следите нивните настани и активности посетете ја нивата фејзбук страна Stella Network или инстаграм  профил  stellanetwork

 

 

Прегледи:
673
Објавено на:
16.09.2020