Категории

СÈ УШТЕ ЗАГЛАВЕНИ ВО СТЕРЕОТИПИ НА АВТОРИТЕТНИ ТАТКОВЦИ И МАЈКИ ДОМАЌИНКИ

Колку што е заедницата потрадиционална, толку девојчињата што живеат во неа се помалку еднакви и пообесправени во остварување на своите права и можности за учење и за развој, под изговорот на грижа и заштита.

Автор: Лина ЌОСТАРОВА – УНКОВСКА

Во просек, секое трето, а во многу средини и секое второ момче на 15 години во Македонија го дели мислењето дека девојчињата треба да се насочат да бидат добри мајки и сопруги, место да тераат кариера, односно дека таткото треба да има поголем авторитет од мајката во семејството.

Колку што е заедницата потрадиционална, толку е девојчето помалку еднакво и пообесправено во остварување на своите права и можности за учење и за развој, под изговорот на грижа и заштита. Притоа ни момчињата не се во поповолна позиција. На прашања поврзани со ставовите за улогата на мажот и на жената во семејството, како и за нивните амбиции и права, висока е пропорцијата на ученици на 15 години што застапуваат и/или прифаќаат традиционални норми и уверувања.

Уште позагрижувачки е тоа што со поддржување на родовите вредности расте преваленцијата на дискриминирачки уверувања и меѓу самите девојчиња, директни жртви на родовата нееднаквост, кои во чекор ги следат своите врсници, момчињата од традиционалната албанска етничка заедница во Македонија.
Во непосредните разговори со овие млади, по повод ваквите наоди, учениците се свесни за нееднаквоста и сметаат дека е неправедна, но состојбите ги толкуваат со краен дефетизам и лесно
прифаќање на статус квото. Нивните коментари дека „тоа е така“, секогаш било така и не можело да се промени, се главниот аргумент како одговор на овие состојби.
Ова се само дел од наодите што ги носи социолошката студија за однесувањата поврзани со здравјето на децата од Северна Македонија  (која се спроведува секоја четврта година, на национален примерок ученици од 11, 13 и од 15 години), која е единствена од овој вид што се занимава со здравствени теми поврзани со животниот стил на младите во раната адолесценција, со сеопфатен пристап кон здравјето и со еднаков интерес за контекстот / економски, развоен, социјален, културен, етнички итн./ во кој младите растат, учат и живеат. Наодите од истата студија покажуваат дека традиционалните норми во родовите улоги и очекувања имаат големо влијание врз однесувањата на младите и начинот како се изразуваат и претставуваат себеси и како се позиционираат во врсничката група, и пред другите.

Повеќе за оваа тема прочитајте во најновото издание на списанието за одржлив развој, Лице в Лице, кое чини 100 денари. Половина оди за продавачите, кои се ранливи сограѓани. Ним, во време на пандемија и економска нестабилност, нашата поддршка им е најпотребна.

Прегледи:
1161
Категории:
Занимливости
Објавено на:
10.10.2020