Категории

Какво треба да ни биде образованието? Погледнете го денес премиерно видеото од еден училиштен час како промоција на 42. издание на Лице в Лице

Трансформацијата на општеството почнува од трансформација на образованието

Како би можел да изгледа еден час, на кој, меѓу другото, децата се поттикнувани да поставуваат прашања и да развиваат критичко размислување, не е задолжително да се седи во клупа, се учи преку примери и експерименти, учениците се и во улога на учители, а наставникот е отворен, мотивира и насочува. Ова се дел од аспектите кои уличното списание за одржлив развој „Лице в лице“ ги разработува во видеото насловено „Да се обидеме и вака“, кое ќе биде промовирано денес, 26-ти октомври 2020 година, преку премиерно емитување споделено на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Премиерата на видеото ќе биде во 18 часот, по што публиката ќе биде поканета да го сподели, заедно со одговори за тоа како го замислува образованието од иднината, која е целта на образовниот процес, како да ја поттикнеме љубопитноста на децата и како тие да се изградат во одговорни граѓани кои што ќе придонесуваат во општествениот развој. Видеото е изработено како почеток на кампањата на „Лице в лице“ која е на тема „Образование од иднината“, чиј клучен дел е и  42. издание на уличното списание, кое ќе биде достапно за своите читатели од утре.

Најновото, 42. издание на списанието за одржлив развој „Лице в лице“, како и кампањата која што ќе се одвива на социјалните мрежи, зборуваат токму за перспективата на образованието кое ќе создава генерации со вредности, во кое наставниците континуирано ќе се развиваат професионално и ќе креираат часови кои што ќе ја поттикнуваат љубопитноста кај учениците, ќе ги мотивира и ќе ги гради во индивидуалци, човечки капитал што ќе го движи општеството напред, кон одржлив развој.

Видеото кое го најавува новото издание на „Лице в лице“  е направено во соработка со иницијативата „Наука за деца“ и со основното училиште „Кирил и Методиј“ од скопско Стајковци, каде и беше снимано.
Извршната директорка на „Паблик“, издавач на списанието и главна уредничка на „Лице в лице“, Климентина Илијевски нагласува дека пандемијата го измести функционирањето на образовниот шаблон, но кризата треба да ја гледаме и како можност за пресвртница.

– До фактите денеска доаѓаме со еден клик на компјутер или телефон, а создавањето одговорна популација со критичко размислување што ќе создаде подобро општество, е процес во кој се вложува, зашто трансформацијата на општестовото почнува од трансформацијата во образованието – вели таа.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, посочува дека прв чекор во реформите треба да се враќањето на достоинството на наставникот.
– Ни требаат и наставници што се грижат за учениците, не дали фактографски научиле, туку дали се граѓани што ќе ги достигнат вредностите што ги очекува општеството и економијата. Такви постојат, тие се тука – нагласи Царовска на средбата за кокреирање на содржина за новото издание на „Лице в лице“

Николас Морган, стручњак за образование од Шкотска, на истата средба сподели:
– Разговараме за курикулумите, содржината и вештините, но, не и за големите нешта- какви млади луѓе сакаме во нашето општество. Какви се нивните вредности, ставови… Ако стигнеме до консензус каква младина сакаме, ќе знаеме што да сториме за да постигнеме таков развој – вели Морган, во дел од содржината на новиот број на списанието.
„Лице в лице“ пренесува и практики од Шведска кои носат одлични резултати:
– Кога организирам предавање, размислувам за различни стилови на учење и се обидувам да ги внесам сите елементи. Не предавам само на начин на кој самата учам, туку излегувам од улогата на улител и барам студентиет да преземат. Така, во позиција сум да ги учам „учителите“, но во суштина тие самите се учат себе си – вели Ема Стенстром, директорка на Центар за уметност, бизнис и култура при Школата за економија во Стокхолм, Шведска.

Повеќе за овој настан може да прочитате тука, а доколку сакате да дознаете нешто повеќе за Лице в лице информации имате на следниот линк.

 

 

 

Прегледи:
889
Објавено на:
26.10.2020