Категории

ИАЕСТЕ Македонија – забава, патување и пракса во странство

ИАЕСТЕ Македонија – забава, патување и пракса во странство

ИАЕСТЕ Македонија е студентска организација во која ќе најдете одличен спој на стручно усовршување, патување, животно искуство и многу забавен студентски живот. Без разлика дали сте тука за праксите во странство, која се наша најголема одлика, или пак за локална дружба – ќе ни биде особено драго ако сте дел од нашето (интернационално) ИАЕСТЕ семејство. Но, за да не ни бидат зборовите кажани на празно, во продолжение ви споделуваме дел од можностите кои Ви ги нуди нашата организација, па ако било која од нив звучи примамливо, Ве чекаме на 9.11.2020 на онлајн игра со загатки – The Riddler – за да се запознаеме поубаво!

ИАЕСТЕ пракса во странство

Праксата е еден од најбитните делови од студирањето. Но, пракса во странство со ИАЕСТЕ е цело едно доживување, кое вклучува многу повеќе од тоа што би очекувале. Вашиот престој во странската земја ќе биде исполнет со многу други студенти на Ваша возраст – локалци, кои ќе се погрижат да бидете безбедни и да ги доживеете сите убавини на нивната земја, но исто така и други практиканти од целиот свет. Ќе научите навики и гледишта на голем број различни култури, а и Вие ќе ги споделите нашите. Освен тоа, праксите се платени, што придонесува за уште поголем комфорт.

Летна рецепција

Доколку од било која причина не можете, или не сакате да отидете на пракса – без грижа – летото повторно може да Ви биде исполнето и интересно. Летната рецепција е периодот кога странски практиканти престојуваат во нашата земја, а наша задача е да се погрижиме да го имаат најдоброто можно лето во нивниот живот! Може да учествувате (а и самите да организирате) забави и прошетки, а секој втор викенд од летото обавезно се посетуваат неколку локации во земјата, како на пример Галичник за време на Галичката свадба, Охрид за време на Ohrid Calling и слично. И, како што се подразбира, имаме една незаборавна интернационална вечер каде се пробуваат јадења и пијалоци од сите земји!

Company Shuttle

Ова е настан кој има цел ја доближи природата на работењето на македонските компании до нашите студенти, но и да ги запознае самите компании со идни потенцијални вработени. Настанот се состои во посета на одредена компанија која ќе ја презентира и демонстрира својата работа. На крај студентите изработуваат проект поврзан со истата, преку кој практично им се доловува како е да си дел од нивниот тим. Меѓу компаниите со кои до сега сме соработувале се вбројуваат: Кнауф, Пекабеско, Инсајд Девелопмент, Гордиан системи… и секако, Среќа.мк!

IAESTE TWIN

TWIN е настан што поврзува два ИАЕСТЕ комитета од различни земји и истиот се одржува во два дела, каде едниот комитет го посетува другиот, и обратно. Секое од овие патувања трае 5-7 дена во текот на кои имате можност да прошетате водени од локалци и да стекнете пријателства кои ќе Ви траат за цел живот. Обично, во текот на годината, ваква соработка имаме со најмалку 2 странски комитети, а искуството е уникатно секој пат!

Семинар за тренинг и мотивација – СТМ

Традиционално на пролет се одржува дводневно патување на планина и ги запознаваме новите членови со работата и духот на ИАЕСТЕ. Ова е одлична прилика сите членови, нови и стари, да се зближат меѓу себе и да си поминат викенд исполнет со дружење и забава.

ИАЕСТЕ скара

Убавото време во пролет е штета да остане неискористено и за една друшба на техничкиот кампус, со скара, музика и големо друштво! Како и за секој друг настан, поканети се сите членови и наши пријатели од останатите организации! А и да не сте дел од ниедна организација, сте и повеќе од добредојдени!

Ако Ви се допаѓа како звучи нешто од ова што го прочитавте, Ве охрабруваме да станете наш член преку следниов линк: https://iaeste.org.mk/zachlieni-sie Ако не можете да се уклучите на онлајн дружењето на 9.11. нема потреба од грижа! Одржуваме редовни состаноци секој понеделник во 20:00 и ќе ни биде многу мило да Ве запознаеме на било кој од нив! Исто така, за сите активности може да не следите и исконтактирате на нашите акаунти на Фејсбук (IAESTE Macedonia) и Инстаграм (@iaestemacedonia).

 

Прегледи:
707
Објавено на:
03.11.2020