Категории

Најосамениот слон на светот Каван ќе добие нов дом

Слонот Каван, кого го нарекуваат „најосамениот слон на светот“ наскоро ќе биде преместен од пакистанската Зоолошка градина во Камбоџа каде ќе има подобри услови за живот.

По тој повод во Пакистан пристигна познатата пеачка и актерка Шер која јавно се залагаше за Каван да добие подобар живот.

Од безбедносни причини, планот за посетата на Шер не беше јавно објавен но пакистанските власти изјавија дека таа денес се состана со премиерот Имран Кан и ќе го посети Каван.

Слонот е во Зоолошката градина веќе 35 години а партнерот го изгуби во 2012 година. Ветеринарите му дијагностицирале пореметувања на однесувањето поради изолација. Во септември било откриено дека ноктите на Каван испукале и обраснале поради долгогодишниот живот во несоодветни услови и заграден простор со подови кои му ги оштетуваат стапалата. Покрај тоа, слонот знаел со часови да одмавнува со главата напред-назад.

Каван бил ставен на диета со овошје и зеленчук но многу брзо изгубил половина тон. Порано Каван секојдневно јадел 250 килограми чиста шеќерна трска со малку овошје и зеленчук.

После година дена залагање на активистите и групите за заштита на животните, овој слон во недела ќе биде испратен во Камбоџа каде ќе има ново живеалиште, изјави Мартин Бауер од организацијата „Четири шепи“ која со години се бори за негово преместување.

Тие обезбедија и медицински третман во Камбоџа каде ќе му биде пружена и физичка и психичка помош.

Поради лошите услови, судот во мај нареди затварање на зоолошката градина во Исламбад каде Каван живееше сите овие години.

Прегледи:
545
Категории:
Животни · Секојдневие
Објавено на:
02.12.2020