Придобивките кои ги носи персонализираната медицина и нејзиното влијание врз квалитетот на животот на пациентот, е во фокусот на 44. издание на списанието за одржлив развој „Лице в лице“, кое излегува денеска.
Овој број носи перспектива за постигнување реалност во која секој пациент би бил изложен на здравствена грижа скроена според неговите потреби, неговата болест, и посебниот начин на живеење. Можен е ваков свет, велат и експертите и пациентите кои ги изнесоа своите ставови во новото „Лице в лице“. Веруваат дека иднината на здравствениот систем ќе биде рака под рака со техонологијата, во прилог на обликување квалитетни здравствени услуги.
„Базите со податоци, електронските медицински регистри, клинички испитувања, податоци од мобилни апликации, од редовната практика – комбинирани и соодветно следени, го носат потенцијалот да одговорат на предизвиците на здравствените системи – неодржливоста во поглед на ресурси и на трошоци, неефикасност и стагнација во подобрувањето на здравјето“, велат тие.
Професорката Снежана Смичковска од Универзитетската клиника за онкологија и радиотерапија при УКИМ – Скопје за „Лице в лице“ вели:
– Персонализираната, или прецизната медицина станува опција благодарение на научните сознанија што овозможиле да се сфати како индивидуалниот молекуларен и генетски профил на поединецот е поврзан со специфичните карактеристики на одредена болест. Овие научни сознанија овозможиле да се предвиди кој медицински третман ќе биде безбеден и ефикасен за одреден пациент, а за друг не.
И министерот за здравство, Венко Филипче, нагласува дека примарниот фокус, во контекст на одржливост на здравствениот систем, треба да биде превенција и/или предикција на болестите.
– Персонализираната медицина е реалност и доколку сакаме напредок, немаме друга алтернатива. Секој пациент треба да добие најсоодветна грижа во вистинско време бидејќи задоцнета грижа значи повеќе последици и, според тоа, трошоци за системот. Доколку имаме индивидуализиран пристап кон здравјето на луѓето уште пред да станат пациенти, и со тоа спречиме појава на одредени болести или, пак, компликации, здравствениот систем може многу да заштеди, а општеството многу да добие – посочува Филипче за „Лице в лице“.
Главната уредничка на списанието и извршна директорка на Асоцијацијата за истражување комуникации и развој „Паблик“, Климентина Илијевски, споделува дека сме сведоци на напредок на медицинското знаење, научните истражувања на ова поле, технологијата.
– Податоците со кои располагаме и кои може да се соберат може да се насочат, да се спојат во една точка што значи револуција во грижата за пациентите. Дигиталната револуција е неминовна во сите аспекти на живеењето, а во здравството значи нови начини како да собереме, чуваме и обработиме висококвалитетни податоци, кои, поврзани со големи бази на информации од други пациенти, ќе донесат длабоко разбирање за тоа како да се насочи третманот кон посебните
индивидуи- вели Илијевски.
Приклучете се на кампањата „И јас читам Лице в лице“
Новиот број на „Лице в лице“ е придружен и со старт на кампањата „И јас читам Лице в лице“, во чии рамки јавноста, преку социјалните мрежи, ќе може да проследи серија од видео обраќања на поддржувачи на уличното списание, кои говорат за нивното другарување со „Лице в лице“.
Серијалот видеа е дел од заложбите на „Лице в лице“ да информира за мисијата на списанието, кое, како што споделуваат неговите поддржувачи и читатели, за нив е многу повеќе од само начин за помош на тешко вработливите лица, туку е и прибежиште во мигови кога се во потрага по квалитетна содржина и текстови кои ги поттикнуваат да размислуваат на теми кои неретко се далеку од јавниот дискурс.
„`Лице в лице` е учебник за солидарност, емпатија, општествена одговорност, самоодржливост, а темите нè учат да бидеме подобри луѓе“, споделува новинарката и активистка Ана Јовковска, во видеото кое го отвора циклусот „И јас читам Лице в лице“.
Серијалот видеа ќе биде емитуван на социјалните мрежи на „Лице в лице“, поттикнувајќи ја публиката да сподели што сè можеме да направиме со заеднички сили, давајќи поддршка и мотивирајќи ги продавачите да продолжат со работа, во овие тешки моменти, кога поради пандемијата со Ковид – 19, се соочуваат со големи предизвици и намалена продажба на списанието која за нив значи и егзистенција.
Во видеата, покрај Јовковска, учествуваат и Филип Ивановски од „Пакомак“, Наташа Булеска од УСАИД, Христина Ѓорѓиевска од „Види вака“, Кристина Талевска Големтеова од МТВ, Марина Матеска, социјален работник и поддржувачка на „Лице в лице“ и Ирена Велкоска, координаторка на Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари.
„Лице в лице“ е улично списание кое излегува од септември 2012 година и го промовира моделот на социјално претприемаштво. Продавачи се ранливи сограѓани, кои се обучуваат за продажба од страна на тим на платформата „Лице в лице“. Половина од сумата на списанието (кое чини 100 денари) е директна заработка за продавачот (доколку го купите списанието директно од продавач или преку негов код), или се вложува во фондот за социјално менторство – поддршка на продавачите за градење вештини и за нивно вклучување на отворен пазар на труд. Останатата половина се вложува во создавање нови содржини, развој и надградба на дигиталната платформа и за печатење на печатеното издание. Списанието врши двојна улога – ги засилува ранливите сограѓани, но, и ја подигнува јавната свест за прашања што нѐ засегаат сите нас – одржлив развој, социјална вклученост, демаргинализација на групи и на поединци, образование, еколошка свест, културен развој, активизам во уметноста и во културата,
општествена одговорност, волонтерство, кои се и дел од темите што се во фокусот на списанието.