Можеби е фрустрирачки, но се случува. Понекогаш омилената личност на кучето не е нејзин сопственик или личност која се грижи за неговите основни потреби.
А, постојат причини што влијаат на тоа која личност кучето ќе ја избере како омилена. Не треба да заборавиме дека секое куче е различно и покрај тоа што е животно, сепак има некаков вид карактер, а тоа има влијание и врз неговото однесување, емоции и одлуки што ги носи. Повеќето кучиња се најсилно приврзани за оној што се грижи за нив за време на клучниот период на социјализација, а тоа е од раѓање до шестмесечна возраст.
Раните социјални искуства влијаат врз целиот нивен живот. Затоа е важно кученцето да има позитивна интеракција со широк спектар на луѓе, места и работи. Постојат интересни примери за влијание на различни нешта во овој период. Кучињата кои не биле со луѓе кои носеле капа на главата, подоцна може да покажат страв од луѓе што носат нешто на главата.
Ако не сте имале шанса да бидете со вашето куче во раните фази на социјализација, не грижете се. Никогаш не е доцна да станете негова омилена личност. Раните искуства се важни, но продолжувањето на социјализацијата, играта и секојдневните прошетки со покажана грижа и внимание, исто така, имаат големо и важно влијание врз неговиот избор.
Повеќето кучиња се претежно приврзани за лицето кое најмногу им посветува внимание и со кое поминуваат најмногу време. На пример, куче кое живее со двајца сопственици може да биде малку поприврзано за оној што му дава храна секој ден и го носи редовно на прошетка. Сепак, за некои кучиња, количината на внимание не е клучна, туку квалитетот на тоа внимание.
На пример, можеби нема да дозволите вашето куче да седи во скут, но вашиот брат ќе го стори тоа. Затоа, не треба да се изненадите што вашето куче повеќе сака да трча кон вашиот брат отколку кон вас. Ако некое лице е извор на добри и убави работи и однесување, кучето полесно формира врска со таа личност. Храната игра голема улога во тоа. Се разбира, кучето ќе биде приврзано за личност која секогаш му дава задоволство или редовно го храни.
Тие знаат дека таа личност зазема важно место во нивните животи. Од друга страна, кучињата лошо реагираат на луѓето кои се извор на негативни вибрации. Значи, омилената личност на вашето куче сигурно нема да биде ветеринарот. Исто така, тој нема да се дружи со личност која постојано прави бучава, избегнува контакт со него или, уште полошо, го тепа или на друг начин го малтретира.