Категории

Почна обуката на социјални ментори во Македонија

Новиот профил на професионалци – социјалните ментори ќе придонесат во создавањето на инклузивен пазар на труд, но и ќе им помогнат на компаниите да не им се одлева работната сила.

Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, во соработка со Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), започна со обука на првата група социјални ментори од Македонија, (ментори за работна интеграција) кои што ќе ги подготвуваат тешковработливите лица при влез на пазарот на труд и ќе бидат нивна поддршка во процесот на работна интеграција. Обуката се реализира според верификувана програма од страна на Центарот за образование на возрасни и Министерството за образование, а селектираната група од десетмина професионалци кои што се обучуваат, веќе директно работат со тешковработливи лица во рамки на своите матични организации и институции – младинци кои што потешко се интегрираат на пазарот на труд, лица со пречки во развојот, безодомници и други лица во социјален ризик.

-Чест ми е што сум дел од овој иновативен процес, од социјалното менторство како иновација што фокусот го става на потенцијалите на лицата што општеството ги фрлило на маргините. Свесна сум за комплексноста на оваа улога, но тоа дополнително ме мотивира зашто социјалниот ментор е движечка сила во создавањето инклузивен пазар на труд – вели Драгана Лазаревска, иден социјален ментор и координатор на Пункт за бездомници во „Црвен крст“.

Во првата половина на оваа година, програмата се тестираше со група од пет земји во регионот – Србија, Босна, Албанија, Косово и Македонија што следуваше после повеќе состаноци со носители на одлуки и други стејкхолдери кои што ја нагласија потребата од поддршка во процесот на работна интеграција, за да имаме повисок степен на задржување на работните места од страна на овие лица.

-Искуствата од терен покажуваат дека поголем предизвик кај тешковработливителица е да се задржи на работното место, отколку да се најде можност за работа. Методологијата за социјално менторство развиена од страна на „Паблик“ е креирана за да овозможи соодветна подготовка на тешковработливото лице тргнувајќи од неговите афинитети и потенцијали, но таа подразбира подготовка и на бизнисите за овозможување средина за успешна интеграција. Поврзувачот, мотиваторот, поддржувачот во овој процес на двете страни – вработениот и бизнисот, е социјалниот ментор, новиот профил на професионалци кои што ќе придонесат во создавањето на инклузивен пазар на труд, но и ќе им помогнат на компаниите да не им се одлева работната сила – вели Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој„Паблик“.

Професорката по социјална работа и политика, пак, Мариа Доневска, која што е и еден од авторите на едукативната програма и на методологијата за социјално менторство нагласува дека ваквиот приод на работа со ранливи лица ќе ја подобри позицијата на овие групи во општеството, а и ќе ја намали потребата од социјални трансфери.

-Главната сфера на човековата активност е работата, но, сите немаат еднакви можности за влез на пазарот на труд. Веруваме дека новиот професионален
профил – социјални ментори значајно ќе придонесе во успешната интеграција на тешковработливите, но и во нивниот професионален и личен развој – вели таа.

Програмата, која се спроведува преку проектот „Регионалното унапредување на социјалното менторство како пристап за активирање на пазарот на трудот за ранливите лица“ во соработка со Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), прави значителни поместувања во системите на социјална заштита во Македонија и во Западниот Балкан. Надминувањето на бариерите за влез на маргинализираните лица на пазарот на
труд, кои доаѓаат и од поединецот, и од микросредината и од макросредината, е императив за оваа методологија, а самиот дизајн на едукативната програма – е одговор на на потребата да се создаде структурно водење на тешковработливото лице – преку професија која што се очекува во следниов период да биде сѐ попрепознаена и побарана.
Развојот на методологијата и на едукативната програма всушност, е резултат надолгогодишната работа на „Паблик“на полето на работна интеграција преку уличното списание „Лице в лице“ кое го продаваат лица од ранливи групи и кое го користи социјалното менторство во поддршка на продавачите да се интегрираат на отворениот пазар на труд.

Прегледи:
508
Категории:
Настани
Објавено на:
21.08.2021