Унгарскиот диригент на оркестарот на Будимпештанскиот фестивал, Иван Фишер, доби засилена доза на вакцината „Ковид-19“ на сцената за време на концертот за да ги поттикне луѓето да се вакцинираат.
За време на концертот, додека диригираше, Фишер ја соблече јакната, под која имаше бела кошула со исечена дупка во ракавот и ја прими третата доза од вакцината против корона вирусот. Внимателно испланираната кореографија на оваа акција имаше за цел дополнително подигнување на свесноста за потребата од вакцинација во Унгарија, изјави генералниот директор на оркестарот, Орџоја Ердеди. Иако стапката на потврдени и смртни случаи драстично опадна, во Унгарија повеќе од 32 проценти од возрасната популација не се вакцинирани.