Категории

ЕXPO 30 настан по повод 30 години независност кој ги спојува македонските мода, музика и компании

Модни ревии на македонски дизајнери, документарец, диџеј сетови и дегустација на македонски производи на Expo 30

По повод одбележување на 30 години независност на државата ќе се одржи EXPO.30, настан во организација на Боттега Евенти и поддржан од страна на Владата на РС Македонија. Настанот ќе се одржи на 16 и 17 септември во Музејот на современа уметност во надворешниот простор.

Во фокусот на EXPO.30 е македонската мода претставена преку премиерна проекција на документарен филм кој нуди ретроспектива на македонската мода во првите 30 години независност и преку модни ревии на 10 македонски модни дизајнери, одбрани претставници од трите декади и групна модна ревија на три факултети за моден дизајн.

Македонската мода на овој настан ќе ја претстават домашните модни креатори, на 16 септември ќе се одржат модните ревии на Никола Ефтимов, „Лудус“, Росица Мршиќ, Евгенија Зафировска и Нела Тодоровска – „Маригуча“, а на 17 септември се ревиите на Лидија Георгиева, Силвија Михајловска – „Алшар“, Митко Занов, Јована Филиповиќ и Тања Кокев. На заедничка ревија ќе се претстават и студентите по моден дизајн од три факултети, од Институт за дизајн и инженеринг на облека од Технолошко-металуршки факултет при УКИМ, Факултет за арт и дизајн при Европски универзитет и Факултет за текстил, дизајн и моделирање при Универзитет Мајка Тереза.

На ЕXPO 30 ќе настапат и 11 македонски диџеи, прво како музичка подлога на модните ревии, а потоа и со сопствени диџеј сетови ќе ги слушаме Зоки Бејбе, Бранчез, Флудер, Дела, диџеј Маци, Чваре, Соул Кејс, Узун Баба, Џон Антонио, Чедо и Соња Исмаил. Во EXPO зоната ќе изложуваат 10 македонски компании кои на посетителите ќе им ја пренесат својата приказна за своето делување во 30 години независност и ќе понудат дегустации на пијалоци и деликатесни производи.

На EXPO.30 ќе бидат спроведувани сите актуелно важечки протоколи за организација на настани донесени од Министерството за здравство.

Прегледи:
511
Објавено на:
17.09.2021