Категории

Не е есента она што некогаш беше. А не сум ни јас…

Ништо не е како некогашната есен… Оние од детството. Тогаш знаевме дека предвесник на есента е мирисот на зимница, пиперки, џем и ајвар на кои мирисаше цела улица. Кога од дворовите се слушаше разговор и смеење на женски гласови додека ја подготвуваа зимницата заедно – комшиски, по принцип еден ден кај едната, друг ден кај другата.

Заедно се правеше сѐ – лупење, сечкање, подготвување. Децата учествуваа во пакувањето. Нивното задолжение беше да сечат парчиња целофан, а момчињата сечеа гумички од гума од велосипед, па така ги пакуваа теглите. Преполни тегли, најшарени бои кои ни најдобрите сликари не би можеле да ги поделат толку рамноправно. Без обзир кој донел колку свежи намирници.

Сега тие џемови, ајвари, кисели пиперки се плаќаат скапо. За тие некогашни со кои беа преполни шпаизите и кои се подразбираа како залихи на секое домаќинство. Сега ангажираат дизајнери да ги обојат тие тегли, да ги нацртаат, да изгледаат што поавтентични бидејќи тоа е некоја гаранција за продажба на производот.

Сега есента сѐ повеќе е период на облачно време, дожд, депресија – како што велат. Тежок период бидејќи треба да ги носите децата на училиште по дожд. Незгодно е да се вози по дожд. Гужвите се страшни. Не може веќе ниту да се седи по бавчите на кафулињата. Зимници речиси веќе не се ни прават. А и не може да се прави зимница во зграда, во градот. Не се ни исплати, постојат толку познати реномирани произведувачи кои ви ја доставуваат зимницата на домашна адреса. Велат „home made 100%“.

Ех есен, колку беше топла некогаш… Толку многу што овие сеќавања од детството се доволни да ми ја загреат душата во овие студени, безлични денови во кои речиси никој не чувствува радост поради твоето доаѓање и траење.

Ех есен, колку беше топла некогаш…

Прегледи:
470
Објавено на:
12.10.2021