Родена е во градот Иконија од родители богати и христољубиви. По смртта на своите родители како девојка почна да им го раздава својот имот на бедните и на неволните, во името на Господ Исус Христос.
Кога настана гонењето во времето на царот Диоклецијан, Параскева беше изведена на суд пред кнезот на таа земја. Штом кнезот ја праша за името, таа рече дека името ѝ е христијанка. Кнезот ја укори зошто не си го кажува своето обично име. А Параскева му рече: „Требаше прво да ти го кажам името на вечниот живот, а потоа на привремениот“. Откако ја биеја кнезот ја фрли во затвор, каде што ѝ се јави ангел Господов, ја исцели од раните и ја утеши. Со молитва ги урна сите идоли во незнабожечкиот храм. После долги и лути маки ја убија со меч.
Свети Димитриј, епископ Ростовски
Голем јерарх, проповедник, писател и подвижник. Се роди близу Киев во 1651 година, а се упокои на молитва во 1709 година. Покрај многуте славни поучни дела особено се прочу со преводот и изданието на Житијата на Светиите. Ја предвиде својата смрт три дена порано и се упокои на молитва. Големо светило на Руската Црква, т.е. на Православната Црква воопшто. Имаше небесни виденија за време на животот. Му послужи ревносно на Господ и се пресели во Небесното Царство.
Свети Атанасиј, патријарх Цариградски
Противник на унијата со Рим, наспроти неговиот претходник Јован Векка (1275 г. – 1282 г.). Од детството беше аскет и молитвеник. Беше омилен кај народот, а заради својата морална строгост го предизивика негодувањето на некои свештеници. Се повлече во неговиот манастир на гората Ган, каде што се подвизуваше уште построго од порано. Му се јави Самиот Господ Исус Христос и благо го укори зашто им го остави стадото на волците. Кога го прорече денот на земјотресот во Цариград, царот Андроник повторно го врати на патријаршискиот престол и против неговата волја. Но потоа тој повторно тајно се оддалечи на подвиг. Се упокои во стотата година од животот. Беше чудотворец и проѕорливец.
Свети Стефан Саваит
Писател на многубројни прекрасни канони. Се подвизуваше во обителта на Свети Сава Осветен. Подоцна беше епископ. Мирно се упокои во 807 година.
Светиот маченик Теренциј
Од Сирија. Пострада за Христовата вера заедно со жена му. Тогаш пострадаа и нивните седум деца. По многу маки, при коишто се јави силата Божја, сите беа убиени со меч.