Категории

„Скопје радост ти ќе бидеш“ – Денес славиме 77 години од ослободувањето на Скопје

Пред 77 години, на 13 ноември 1944 година Скопје стана слободен град. Благодарение на борците од 42-та и 50-та Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та Македонска бригада кои тој ден го ослободија Скопје од фашистичката окупација, денес живееме слободно.

Битката за Ослободување на Скопје, претставувала многу сложена операција, бидејќи за да биде успешна од голема важност биле успесите на нивните бригади во битките во другите градови со крајна цел да се поврзат 50та дивизија која била во реонот на Штип со 42та дивизија која била на Сува Гора, за да можат заедно да нападнат во Скопје. 50та дивизија незначително задоцнила (еден ден) на позицијата за нивно спојување, а тоа бил реонот на Велес.

Нивното доцнење се должело на силниот отпор кој го дале Германците во реонот на Штип, каде 5та бугарска дивизија воопшто не ни учествувала како било договорено и планирано, туку пасивно ги запоседнале позициите кај Злетовска Река, без да учествуваат во битките за ослободување на Штип и реонот околу градот. Со вакви предуслови, ослободувањето на Скопје останало да се изврши со пешадија и улични борби (без употреба на артилерија) кои зависеле исклучиво од храброста и моралот на македонските војници. Во борбите за Скопје заробени биле голем број Германци како и нивното вооружување (топови од разни калибри, митралези и најразновидна техника).

Бројот на загинатите борци во борбите за Скопје изнесувал 426 борци. Од кои 8 се жени а 418 се мажи. Бројот на цивилните жртви не е претставен во оваа бројка. Се смета дека последните стрелани скопјани се деветтемина стрелани во близина на Камениот мост од страна на германскиот окупатор: Драган Јакимов, Дончо Андонов, Јордан Јакимов, Перо Јовановиќ, Пантелеј Давчев, Перо Червеников, Светислав Ѓуриќ, Фоки Владимиров и Христо Kараџа. Во нивна чест е подигнат и споменик во близина на Камениот мост во Скопје.

На гробиштата во Бутел, цвеќиња положија и делегации од Кабинетот на претседателот на државата, Собранието, Владата, Министерството за одбрана, Генералштабот, Градскиот одбор на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна – Скопје, како и делегации од општините на Град Скопје, јавни претпријатија, културни установи, Црвниот крст на град Скопје, дипломатскиот кор и граѓани.