Категории

„Јазикот е нашата единствена татковина“- 28 години од смртта на Блаже Конески

Блаже Конески е втемелувач и еден од кодификаторите на современиот Македонскиот литературен јазик- виден книжевен, културен и јавен работник: академик, поет, прозаист, есеист, литературен историчар, филолог и лингвист, преведувач и професор.

„Јазикот е нашата единствена татковина“, беше една од неговите најпознати реченици. Тој во кодификацијата се водел од принципите за јазикот кои претходно ги навестил преродбеникот Крсте Петков Мисирков во „За македонцките работи“.

Блаже Конески е роден на 19 декември 1921 година во Небрегово; основно училиште и нижа гимназија завршил во Прилеп (1934), а виша гимназија во Крагуевац (1939). Студиите во Белград ги почнал прво на Медицинскиот факултет, потоа на Филозофскиот факултет, на отсекот за Словенска филологија, a славистичките студии ги продолжил во Софија, каде што и дипломирал (1944).

По војната работел како лектор во Македонскиот народен театар во Скопје, а во 1946 година станал предавач на Филозофскиот факултет, во Скопје, каде што, во 1957 година, станал и редовен професор и предавал историја на македонскиот јазик, при што во текот на сиот свој работен век бил шеф на Катедрата за јужнословенски јазици; бил декан на Филозофскиот факултет (1952/53) и ректор на Скопскиот универзитет (1958/60). На 13 февруари 1947 година бил избран за прв претседател на новооснованото Друштво на писателите на Македонија, а истата функција ја вршел уште во два мандата (1948, 1951/1952), бил и претседател на Сојузот на писателите на Југославија (1961/64) и прв претседател на МАНУ (1967/1975).

Исто така, бил дописен член на сите поранешни југословенски академии на науките и уметностите, како и почесен доктор на Универзитетот во Чикаго (1968) и на Универзитетот во Вроцлав, Полска. Учествувал во составувањето на првиот Правопис на македонскиот литературен јазик (1945), бил редактор на тритомниот Речник на македонскиот јазик (1961/66), а автор е на голем број студии за средновековната и современата македонска писменост и приредил голем број едиции на стари македонски текстови. Во одделни периоди ги уредувал и списанијата „Нов ден“ и „Македонски јазик“.

За својот книжевен опус добил високи награди и признанија, и тоа: „Годишната награда“ на ДПМ (1953), наградата на Сојузот на писателите на Југославија (1956 – за стихозбирката ,,Везилка“), некогашното највисоко сојузно признание АВНОЈ (1966), Хердеровата награда за литература, како и наградите „11 Октомври“ (1961 – за редакцијата на првиот том на „Речникот на македонскиот јазик“; 1965 – за делото „Историја на македонскиот јазик“; 1974 – за стихозбирката „Записи“; 1979 – за животно дело; за поетската книга „Записи“ ги добил и наградите: „Браќа Миладиновци“ на СВП-1974, „Кочо Рацин“ (1974) и „Његошева награда“ (1975); исто така, бил лауреат на наградите „Кирил Пејчиновиќ“ (1976 – за преведувачки опус), наградата за книжевен опус на книгоиздателството „Мисла“ (1981), „Златен венец“ на СВП-1981, „Бранко Миљковиќ“ (Ниш), „Скендер Куленовиќ“ (Приедор, 1985), „13 Ноември“ (1986 – од областа на науката, за книгата „Македонскиот 19. век“), „Вуковата награда” на КЛЗ на Србија (1987), „Рациновото признание“ (1988 – за „Дневник по многу години“), како и на наградата „Книга на годината“ (1989 – за стихозбирката „Сеизмограф“).

Ве потсетуваме на некои од неговите најубави песни:

Љубов

Не иди зашто жалосна би била,
и колку да те копнеам – се ледам.
Што младоста во темен неврат скрила
ме влече назад со измамна сила,
но зар со подбив тоа да го гледам!
Сум сакал, сега цибрина ме свила,
не иди, љубов, жалосна би била.

Навреди

Кога би можел да ги изумам
трите навреди во мојот живот –
ох колку лесно би живеел тогаш?
Но тие тука се, присутни везден,

но тие живи се – будни и в соне,
и тие низ себе се пречистуваат
со привкус горчливо-тих.

Бура

Колку ненадно иде бурата.
В поле се мрачи, разлава ветар буен.
Демнеме. Сега прва молна ќе светне,
во нас ќе запали силен гнев.
Грмовни тонови, груби, искинати,
и настрвени како душите што ни се
дека во крвје тонеме.
А дали ќе можеш и тивка песна да зачуеш,
како цвет на гради стиснат,
сон, оти смевнато девојче ќе видиш,
како човечкото во тебе да плаче –
дали ќе можеш?