Сега кога ќе погледнам од дистанца на пандемиските денови, можам слободно да кажам дека ние театарските дејци, поминавме низ едно искуство кое реши неколку дилеми и стравови за театарот.
Страв дека ќе живеме на дистанца, и ќе заборавиме на големи собирања. Собирања за заедно да изгледаме и доживееме претстава.
Страв дека ќе ни бидат доволни компјутерските и телевизиските екрани пред нас.
Страв дека можеби театарот полека ќе исчезне со напредокот на технологијата и другите медиуми.
Но, токму тие пандемиски денови ни потврдија дека сé минува, освен човековата потреба за близина со други луѓе. Потребата за споделување на своите мисли, чувства, желби, искуства, идеи и потребата да се слушне другиот.
Не постои друго место како театарот. Место за учење на најкреативен начин, место за дружба, место во живо да ги сретнете омилените јунаци, да ги чуете најубавите приказни, да се смеете и да плачете. Место од каде може светот да го промените на подобро.
Затоа оваа година ја започнавме со голема промена, голем чекор – создавање на Македонски национален центар АСИТЕЖ. Ги повикуваме сите детски театри, организации, здруженија и театарски дејци кои творат за деца или работат со деца да се вклучат во нашата мисија – со театар да расте секое дете. Да се вклучат во националниот центар зашто сме должни да го промениме светот, за најмладите.
Оние на кои пандемијата им го скрати дружењето, образованието, детството. Должни сме да излеземе на сцена и да создадеме магија. Да заиграме на сцената, да ги оживеме приказните, да допреме до детските срца и да всадиме љубов, почит, емпатија… Да ја поттикнеме нивната креативност. Да ги вклучиме во театарските процеси, па и ние некогаш да украдеме од нивната фантазија. Да израснеме силни генерации со вистински уметнички вредности.
Должни сме заедно да го отвориме патот на Македонскиот национален центар АСИТЕЖ до полноправно членство во Светската асоцијација на детски театри АСИТЕЖ интернационал.
Како прв претседател на Македонскиот национален центар АСИТЕЖ во наредните четири години заедно со моите соработници ќе се стремиме кон што поголемо обединување, соработка, заеднички проекти и нивна презентација во светски рамки.
Должни сме повеќе од кога било со уметност да ги прегрнеме најмладите. Да го однесеме театарот до секое дете, во секој град и село. Да им овозможиме на децата квалитетен културен живот, и заедно да создаваме убави спомени од детството на секое дете.
Нека ни е честит 20 Март – Светскиот ден на детските театри!