Категории

Сонот без цел е само желба

Уште од мал имав само еден сон, да станам професионален спортист. Реалноста е дека без напорна работа за негово оствaрување, сонот ќе остане само сон. Не бев свесен дека талентот е само мит во најважните години за развитокот на еден млад спортист. Успехот бара одредени жртви, а јас го правев спротивното.

Тренирав кошарка скоро 14 години. За жал, тинејџерските години си го правеа своето. Не бев редовен на тренинзи, сé ми беше поинтересно од тренирање. Излегување во диско до раните утрински часови, пиење алкохол, бркање девојки. Веќе беше доцна кога се свестив и научив како треба да изгледа денот на еден успешен спортист. Преминував од клуб во клуб, без никаква шанса за интернационална кариера. Во еден момент ми дојдоа клучни прашања во глава. Што сега? Каде од тука? Кој е следниот чекор? Решив времето да си го искористувам попаметно и ставив крај на таа приказна. Се откажав од кошарка, нешто што мислев дека ќе се случи многу подоцна во мојот живот, кога веќе би имал остваено успеси позади мене.

Четири месеци немав никаква физичка активност. Се здебелив, дојдов до бројка 93 кг, крајно незамисливо за мене. Сосема случајно другар ми мѝ раскажуваше како почнал да вежба нешто многу интересно и интензивно. Тоа нешто беше CrossFit. Без многу убедување отидов на мојот прв тренинг. Уште првиот момент кога влегов во салата на CrossFit Skopje добив топол пречек како никогаш до тој момент. Ми се претстави сопственикот, и тогаш единствениот тренер, Зоран Иванов. Ми објасни што е CrossFit и која е всушност вистинската причина на вежбањето. Ми рече: Ние тука не вежбаме за да имаме убаво тело, ние вежбаме за здравје, а убавиот физички изглед е само бонус. Залудно ни се големи мускули ако не можеме да ги ставиме во функција на секојденвниот живот надвор од салата.

3, 2, 1 Старт! Почна мојот прв CrossFit тренинг. Вежбата траеше “само ” 15 минути. Тие што вежбаат CrossFit знаат колку всушност се многу 15 минути. Се случи една многу интересна работа. Луѓето околу мене завршуваа со вежбата. Почнуваа да ги бодрат другите што сеуште вежбаат, меѓу кои бев и јас. Во тој момент го дознав најубавото чувство, дека оној што е последен на вежбата е најбодрениот човек во салата. По завршувањето на тренингот, ниедна положба не ми беше комотна, лежев, клечев, одев, за да се смирам. Имав необично чувство на релаксираност. На чуден начин, најнапорниот дел од денот ми беше најреласкирачки. Бев навлечен на CrossFit во истиот момент.

Многу брзо и лесно се вклопив во целата приказна. Тренирав четири пати неделно, научив што треба да јадам, а што да избегнувам во исхраната и за многу краток период имав резултати. По две години тренирање, ми се врати компетитивниот дух и желбата за докажување. Ми беше страв да си признаам на самиот себеси дека CrossFit може да биде моја професија. Веднаш помислував што ќе речат другите, дека не е доволно развиено кај нас и уште безброј оправдувања. Еден ден пред тренинг гледав мотивационо видео и многу ме погоди еден цитат кој гласи: Ако не го правиш она што те прави среќен во животот, извршуваш спирутално самоубиство. Не помислувјќи што ќе мислат другите, зборев со мојот тренер Зоран, му кажав која е мојата цел и замисла. Дека сакам да се напреварувам како професионален crossfiter. Да го исполнам детсиот сон. Ми понуди да бидам асистент тренер во клубот и без секунда размислување ја прифатив неговата понуда.

Ова е единствениот спорт каде што професионалните CrossFit натпреварувачи се и тренери во своите клубови. Тоа е шанса да им помогнам на луѓето да ги остварат своите фитнес цели, а воедно и да ги променат своите навики со цел да го подобрат својот животен стил. Фокусиран сум на постојано учење и корегирање на нашите членови на правилно и ефикасно изведување на вежбите. На тој начин јас станувам подобар и како тренер, но и како натпреварувач, бидејќи тоа е неопходно во постигнување на добри резултати на натпреварите. Две ипол години сум дел од тимот на CrossFit Skopje. Како наптепреварувач зад себе имам повеќе од 10 наптревари од кои повеќето се интернационални. Но за моите натпревари повеќе во некоја од следните статии. Ова е само почетокот, гладен сум за успех и ништо не може да ме спречи да стигнам онаму каде што сум тргнал, а тоа е CrossFit Games. Мое животно мото е да го работиш она што те прави среќен, затоа што можеш да доживееш неуспех и во тоа што не го сакаш, па зошто тогаш не би пробал да го правиш тоа што го сакаш.

Жарко Батиќ

Прегледи:
720
Објавено на:
29.01.2016