Љубовта нема голема врска со љубовните врски – таа е тука да нè разбуди, како заспани убавици… Да ни ги отвори очите за да сфатиме дека сме живи, дека имаме што да понудиме, дека сакаме да даваме и да примаме и да ја вежбаме таа размена со личноста која ја буди таа желба во нас. Некој ќе нè поттикне и ние ќе проработиме, а потоа засекогаш ќе чувствуваме благодарност што сме го доживеале и искусиле тоа, без разлика со колку болка и разочарување завршила таа љубовна врска. Љубовта не води сметка за нашите конвенции, очекувања, планови и сфаќања, таа нè учи за животот по директен пат. Еве што…
1. Ќе го научите невербалниот јазик на љубовта
Учиме да ги покажуваме чувствата на многу начини, да пратиме љубовна порака телепатски, со поглед, со допир… Невербалниот јазик на љубовта е поелоквентен од кое било усно излагање, бидејќи се одвива на линијата на вистинската комуникација, која вклучува внимание, интуиција, чувствителност, ментална и емоционална отвореност, како и телесна блискост. Не е можно погрешно да ја протолкувате прегратката – точно знаеме дали се прегрнуваме поради желбата да започнеме љубовна игра, да пружиме утеха или да му покажеме на партнерот колку се грижиме за него.
2. Ќе ја откриете тајната на физичката интимност
Некои луѓе засекогаш остануваат лишени од овој аспект на љубовта. Едноставно, тие никогаш комплетно не се предаваат и не се поврзуваат со другата личност, па така границите на приватност избледуваат и стануваат неважни. Но, кога сте со некого физички и емотивно интимни, споделувањето на животниот простор, заедничкото спиење, утринските навики, делењето на бањата, подготвувањето на храната – сето тоа ви е толку возбудливо и прекрасно, и има смисла. Не ви е грижа за тоа како изгледате наутро и способни сте да молчите и да го пиете вашето кафе, среќни што сте сами со себе, само во друштво на саканата личност, која го прави истото што и вие.
Од утро до вечер, многу од работите што вообичаено сте ги правеле сами, почнувате да ги делите со партнерот, а кога ќе легнете да спиете и понатаму сакате да се прегрнувате и да се допирате со телата, дури и ако сте личност која сака да спие комотно сама, без додатната топлина од некој кој се турка накај вас. Понекогаш таа физичка интимност е напорна и потребно е да поставите граници на приватност, но сепак постојат парови на кои тоа никогаш не им пречело. Можеби тие повеќе сакаат партнерство, од оние кои повеќе го сакаат комфорот на самотијата. Но, за да знаете што повеќе сакате, треба да ја искусите таа тесна физичка сплотеност.
3. Ќе научите да се карате и да се смирувате
Ќе сфатите дека љубовта не е само доброто, убавото, лесното и интимното, туку вклучува и недоразбирања, отпори, предавства и болка. Ќе научите да прифаќате дека никогаш нема да ги решите сите недоразбирања и да ги надминете сите препреки и дека секогаш ќе постои некоја причина за караница, навредување и повредување. Опростувањето не значи само смирување после кавага, туку и помирување со различностите, кои и понатаму ќе доведуваат до кавги и недоразбирања. Љубовта помага да се продолжи понатаму, заедно со товарот, проблемите, лошите искуства и повредите.
4. Ќе научите да застанувате на страната на оној кој го сакате
Љубовта предизвикува заштитнички склоности, и тоа не само кај мажите. Секогаш сакате да го одбраните од другите оној кој го сакате, дури и кога знаете дека не е во право. Спреми сте да го заштитите вашиот човек со својот став и зборови, па дури и ако потоа се потскарате со него за причините кои довеле до тоа.
Вие имате право да му го повишувате гласот и да го оптужувате и никој друг нема право да го прави тоа пред вас. Поради тоа е препорачливо да не се мешате во туѓите љубовни односи, иако имате информации поради кои сте сигурни дека треба да се замешате, а кои се на страната на вистината. И ова ќе го научите на потешкиот начин, секако. Можеби ќе се оладите и ќе прекинете некое пријателство, затоа што вашиот пријател ви дал информации со кои го обвинува вашиот сакан. Тоа најверојатно биле факти, но застанувањето на страната на оној кој го сакате, не води сметка за фактите, па дури и кога знаете дека поради тоа, порано или подоцна, ќе ја прекините вашата љубовна врска.