Иако имал десет пати помалку војници од противникот, големиот воин донел одлука да ги нападне непријателите. Знаел дека ќе победи, ама знаел и дека неговите војници се сомневаат во успехот.
Застанал кај еден храм и им рекол на своите соборци:
„Откако ќе го посетам храмот ќе фрлам паричка, ако падне глава ќе победиме, ако падне петка – ќе загубиме. Во рацете на судбината сме.“
Воинот влегол во храмот и се помолил молчешкум. Потоа излегол и ја фрлил високо паричката. Паднало глава. Војниците се наостриле за бојот, кој го добиле без голема мака.
„Никој не може да ја промени волјата на судбината“ – му рекол неговиот помошник по големата битка.
„Навистина не може“ – рекол воинот, покажувајќи ја паричката на која од двете страни имало глава.