Со вкупно 230 ката и 1152 метри висина, “The Bride” (Невестата) ќе ја надмине моментално највисоката зграда во светот “Burj Khalifa”, како и “Kingdom Tower” чија изградба се очекува во наредните четири години.
Новата највисока зграда во светот се наоѓа во Басра, на југот на Ирак, а завршувањето на изградбата е планирано за во 2025 година. Составена од четири поврзани кули, “The Bride” ќе биде за 152 метри повисока од километарската кула “Kingdom Tower” која се гради во Саудиска Арабија.
Една од главните карактеристики на зградата ќе биде енергетската одржливост, односно способноста да ја произведува цела електрична енергија која и е потребна за функционирање, нешто во што досега не успеа ниту една друга мега градба.
Јужната фасада на највисоката кула на зградата ќе биде скоро во целост покриена од соларни панели кои ќе се протегаат на површина од преку 600.000 метри квадратни и кои ќе ги покриваат дури и пониските згради, како и јавните површини на дното.
Стабилната структура од четири поврзани кули ќе пружа повеќе влезни точки, како и патишта за евакуација, овозможувајќи хоризонтално и вертикално движење низ зградата. На местата каде кулите се поврзани, архитектите осмислија небесни градини и небесни плоштади.
За разлика од другите мегависоки згради (повисоки од 600 метри), “The Bride” ќе претставува првиот вертикален град во светот во кој ќе можат да уживаат и оние кои не живеат или работат во него. Облакодерот покрај стамбениот и деловниот простор ќе содржи и хотели, паркови и градини, па дури и сопствена железничка мрежа.
Басра и земјиштето околу градот отсекогаш биле плодни, со обилна вегетација и земјоделски расади, па жителите со причина го нарекуваат овој град “Невестата на заливот”. Инспирацијата за името на зградата архитектите од “AMBS Architects” го добиле токму од оваа идеја за плодност на зградата на многу различни нивоа.