Категории

Поучна приказна која ќе ве убеди дека секое лошо носи и нешто добро

Што и да ви се случи, знајте дека постои добра причина за тоа. Оваа приказна носи поучна порака дека никогаш не треба да очајуваме и да веруваме дека дошол крајот на светот, без разлика низ што поминуваме. Утре е нов ден.

1-kojznae-zoshto-e-toa-dobro-prikazna-koja-kje-ve-ubedi-deka-ovaa-izreka-e-tochna-

Во една богата земја живеел моќен крал. Тој имал свој верен слуга кој го следел секогаш и секаде, а бил познат по тоа што постојано му велел: „Никогаш не знаете какво добро ќе ви донесе тоа.“ Бидејќи кралот често запаѓал во различни непријатности, почнал малку да се фрустрира од изреката која слугата без прекин ја повторувал.

Еден ден кралот со својата придружба отишол на лов за да ја испроба својата нова пушка. Поради неисправност на пушката, при пукањето тој изгубил еден прст на раката. Слугата како и секогаш рекол: „Ваше височество, немојте да се вознемирувате, никогаш не знаете какво добро ќе ви донесе тоа.“ Кралот се налутил и засекогаш го протерал својот слуга од неговото кралство.

По кратко време кралот со брод тргнал на патување, сакајќи да го запознае светот. Во текот на патувањето ги снашла голема бура и кралот заедно со својата придружба доживеале бродолом. Невремето ги исфрлило на остров населен од човекојадци.

Откако ги заробиле, човекојадците секоја вечер правеле специјален ритуал, убивајќи по еден член на кралската придружба. Кога дошол ред кралот да биде убиен и изеден, домородците забележале дека му недостасува еден прст на раката.

Според нивното верување, каков било физички недостаток непоправливо го расипувал месото, а луѓето кои имаат такви недостатоци се сметале за личности кои носеле голема несреќа, па затоа кралот веднаш бил протеран од островот и така се спасил. Тој потоа успешно се вратил во своето кралство и се сетил на својот стар слуга. Веднаш пратил гласници за да го побараат и да го вратат во дворецот со цел да му се заблагодари и да го награди.

Кралот вистински се израдувал кога го видел слугата, му раскажал што се случило со човекојадците и сфатил дека тој секогаш му мислел добро. „Поради сето ова, одлучив да те наградам како што заслужуваш, но и да ти се извинам што те протерав од моето кралство“, рекол кралот.

Слугата одговорил, „Нема потреба да се извинувате Ваше височество, никогаш не знаевме какво добро ќе донесе тоа.“

Кралот се изненадил од одговорот и го прашал слугата: „Што сакаш да кажеш со тоа?“

Тој смирено одговорил, „Ваше височество, да не ме протеравте тогаш од вашето кралство, сигурно и јас ќе бев во вашата придружба на патувањето, па домородците и мене ќе убиеја и изедеа.“

Од тој ден кралот никогаш повторно не се посомневал во изреката на неговиот верен слуга.

Прегледи:
496
Категории:
Занимливости
Објавено на:
12.02.2016