Десетина илјади граѓани во австралискиот град Перт се собраа во неделата наутро за да посведочат за слетувањето на најголемиот авион во светот – Antonov An-225 Mriya.
Ова е прв пат Mriya да доаѓа во Австралија, откако полета во Прага носејќи со себе товар тежок 110 тони. Самото летало е тешко 600 тони, а на Меѓународниот аеродром во Перт слета околу 12 часот по локално време со задоцнување од два часа.
Mriya е најтешкиот и најдолгиот авион во светот, како и летало со најголем распон на крилата. Се користи за транспорт на локомотиви, тенкови, турбини и други слични објекти и превозни средства. Исто така, Mriya се користи и за превоз на хуманитарна помош.
Според зборовите на Дејвид Ајри, претседателот на Агенцијата за авијација на западна Австралија, Mriya е импресивно летало кое привлече илјадници ентузијасти.
“Возбудливо е да се види овој авион. Шест млазни мотори на едно летало не е честа појава. Покрај тоа, Mriya има две опашки што и дава малку поинаков изглед”, вели Ајри.