Категории

Единствен, магичен, уникатен… светиот град Ерусалим

Древниот град на Блискиот Исток и најважниот град во Израел е Ерусалим, градот кој се наоѓа во близина на јудејската планина, помеѓу Средоземното и Мртвото Море. Модерниот Ерусалим е изграден надвор од ѕидините на стариот дел од градот кој бил основан во 4 век п.н.е., и како таков е дел од најстарите градови во светот. Го сметаат за град на духовноста, за најсветото место во светот или место каде од Земјата се оди кон небото, за најголем духовен центар на Евреите, но прогласен е и за свет град за христијанството и трет најсвет град во исламот по Мека и Медина. Во Стариот Град на Ридот на храмовите се наоѓаат најважните религиозни градби како Западниот Ѕид или Ѕидот на плачот за јудаизмот, потоа Светиот Гроб за христијанството и Ал Акса со Златната купола за исламот. Стариот Град уште во 19 век бил поделен на четири населби: еврејска, исламска, христијанска и ерменска населба и како таков бил номиниран и вклучен во списокот на светско наследство за несигурни градови во 1982 година од Јордан. Стариот град е одалечен само 1 километар од модерниот Ерусалим и истиот е во форма на неправилен круг. Во него може да се влезе од 7 различни порти од градот, а најпознати се Јафа и Сион. Стариот град е место каде се наоѓаат некои од клучните религиозни знаменитости на трите религии во градот: Ерусалимскиот храм заедно со Ѕидот на плачот за евреите, Светиот Гроб за христијаните и џамиите Кубат Ал Сахра и Ал Акса на муслиманите. Инаку од 1980 година стариот град во Ерусалим е заштитен од УНЕСКО.

Ерусалим е светото јадро на трите најголеми религии, местото каде може да се сретнат локации на кои во исто време има остатоци од цркви, џамии и синагоги кои се изградени и срушени. Ова место е свето и поеднаквно значајно и за Христијаните и за Евреите и за Муслиманите.

Scale model of Jerusalem and the second temple

Во минатото во Ерусалим се влегувало низ Златната порта низ која и Исус прв пат влегол во градот. Во 1541 година, султанот Сулејман Величествениот ја запечатил оваа порта која и до ден денес е затворена. Овој град се смета за дом и на Црквата на Светиот Гроб, изградена на местото каде се верува дека Исус бил распнат. За да ги доживеете приказната, историјата и градот целосно, поминете по т.н. Пат на Страдањето по кој некогаш чекорел Исус од местото каде бил осуден па сè до местото каде бил распнат на крстот. Верниците кои чекорат по овој пат симболично го претставуваат страдањето на Исус. Друго значајно место е Голгота или Калварија, местото каде е распнат Исус. Според Евангелието на Јован, овој рид се наоѓал надвор од ѕидините на Ерусалим, но археолошките испитувања покажале дека се наоѓа многу блиску до ѕидините на стариот град. Тука се наоѓа и Светиот Гроб односно празниот гроб на Исус, место каде бил погребан и каде воскреснал.

Иако базиликата на Светиот гроб изгледа разрушено и мрачно, сепак восхитувачки е кога ќе погледнете дека сите архитектонски стилови од последните илјада години се овде застапени. Во внатрешниот дел на Базиликата, се наоѓа венец од мали капели, кои се поврзани меѓу себе и внатрешно се наоѓа Светиот гроб. Во Ерусалим поточно во Сионската горница, градба на сионската планина се одржала и Тајната вечера, а недалеку од градот се наоѓа и гетсиманската градина, место каде Исус ја поминал својата последна ноќ.

Уште една атракција за туристите е и Ѕидот на плачот, светото место за евреите кои доаѓаат тука за да се молат. Во пукнатините на ѕидот ги оставаат напишаните молитви и желби, бидејќи веруваат дека молитвите пред Ѕидот на плачот одат директно до Бог. Овој ѕид е од времето на Вториот храм на Соломон во Ерусалим. Според Библијата, храмот на Соломон бил изграден околу десет века пред Исус и бил разрушен од страна на вавилонците во 586 година п.н.е. Ѕидот има големо значење и во исламот и во јудаизмот. Помеѓу отворите од ѕидот обично се ставаат желбите на верниците кои се напишани на хартија. Од другата страна пак, се наоѓа џамијата Храм на Скалата, од која се тврди дека Мухамед токму од тоа место воскреснал. Тоа соседство понекогаш доведува и до конфликти. Некои муслимани дури и фрлаат камења и други предмети по тамошните верници. Сепак, најсветото место во Ерусалим за исламот е џамијата Ал Акса, но големо значење има и Златната купола, во која се наоѓа местото од каде пророкот Мухамед воскреснал кон небото.

A woman looks at the Western Wall, the holiest site where Jews can pray in Jerusalem's Old City, Monday, Feb. 1, 2016. The Israeli government’s decision to allow non-Orthodox Jewish prayer at Jerusalem's Western Wall is a major breakthrough for the country's long-marginalized liberal streams and their powerful supporters in the United States. (AP Photo/Sebastian Scheiner)

Освен што е познат како религиозен град, Ерусалим е познат и по своите културни манифестации. Израелскиот музеј годишно прима околу милион посетители, од кои една третина се туристи. Интересни за посетителите се и музејот Светилиште на Книгата, Исламскиот музеј, потоа Израелскиот национален музеј Јад Вашем кој е посветен на жртвите од холокаустот и кој поседува повеќе од 100.000 книги и материјали за тоа време. Музејот е посебна приказна и е еден од најуникатните музеи кои целосно ја доловуваат сликата на ужасите кои се случиле во минатиот век. Посебно трогателен е делот кој е посветен на децата жртви на Холокаустот, во кој има запалено онолку светилки колку што деца биле убиени. Ова е и град на престижни универзитети, на кои се предава на хебрејски, арапски и англиски јазик.

Низ историјата, Ерусалим бил 11 пати освојуван и 5 пати целосно уништен. Неговите остатоци претставуваат сведоштва на минатото, а според истражувањата на археолозите, Ерусалим е изграден на 20 метри висок слој од рушевини. Како таков, денес овој свет град постојано привлекува многубројни туристи од цел свет.

Автор: Цеце Трајковска

Прегледи:
1101
Ознаки:
Објавено на:
29.05.2016