Категории

Њујорк доби улица посветена на Мухамед Али

Градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио во вторникот објави дека дел од 33-та улица на Менхетн, недалеку од салата Медисон Сквер Гарден, е преименуван во “Пат Мухамед Али”, во чест на боксерот кој почина во петокот на 74 годишна возраст.

Градскиот татко, одлуката која засега е привремена, ја образложи со фактот дека Али осум пати се борел во рингот во Медисон Сквер Гарден, но и со желбата да се оддаде признание на “активистот” кој во петок ќе биде закопан во Лусвил, во Кентаки, се вели во соопштението.

Во “најславната сала во светот”, како што ја нарекуваат сопствениците, на 8-ми март 1971 година се одигра “борбата на столетието” меѓу поранешниот Касиус Клеј и Џо Фрејзер во која Али го доживеа првиот пораз во професионалната кариера, после 31 последователна победа.

Скоро три години подоцна, Али му се оддолжи на Фрејзер за поразот во истата сала, на 24-ти јануари 1974 година.

Ова преименување на улицата засега е само привремено. За да биде конечно, мора да го потврди градскиот совет и да го потпише градоначалникот. Засега ништо не е направено околу тоа, додаде портпаролката на градското раководство.

“Целиот свет му се воодушевуваше на Мухамед Али поради начинот на кој се држеше до своите начела, неговата вера и залагањата за мир и соживот”, изјави Ричард Готфрид, застапникот кој во парламентот на државата Њујорк е надлежен за округот во кој е Медисон Сквер Гарден.

Прегледи:
594
Објавено на:
08.06.2016