Некои мислат дека мажите се комплицирани, некои мислат дека тие се едноставни. Иако од маж до маж има огромна разлика, постојат три златни правила како да си го зачувате мажот кој е покрај вас.
Правило бр. 1 – Не го запоставувајте вашиот изглед
Сега кога веќе некое време сме заедно не мора толку да се „замарам“ со изгледот, нели ќе ме сака каква што сум? Многу погрешно девојки! Знам дека си помислувате: „Па јас немам доволно време нон-стоп да се грижам како изгледам, константно да бидам нашминкана, со средена фризура, да вежбам и да бидам секогаш свежо издепилирана, ако ме сака, ќе разбере. Ако ве сака, можеби и ќе разбере ама едноставно не е фер. Девојката што тој ја запознал била со одредена тежина, со одреден изглед и со одредени хигиенски навики во кои тој се заљубил. Тоа што останал со вас треба да ве поттикне, а не да ве одврати од тоа да ги задржите овие навики… Знам дека со зголемувањето на обврските станува сè потешко да се најде време, меѓутоа јас не велам вие да се депилирате секој втор ден, секој ден да сте на фризер или цел живот да бидете во страв да не се здебелите, треба само да бидеме фер и да внимаваме на себе. Дозволете му да ја задржи девојката во која се заљубил.
Правило бр. 2 – Не критикувајте, туку слушајте!
Баба ми порано велеше: Мажите се најсреќни кога мислат дека се најважни и кога стомакот им е полн. И да знаете дека има многу вистина во тоа (без навреда момци). Секогаш кога го критикувате ја покажувате својата „мајчинска“ страна што е убиствено и за неговата машкост и за вашата љубов. Оставете го некогаш да ги направи сопствените грешки, тој е сепак возрасен човек. Критикувајќи ги само ги оддалечуваме. Исто така, и момците сакаат внимание. И тие сакат ние да ги мазиме и чуваме, да ги гушнеме кога ќе се почувствуваат како светот да ги надвладеал. Забораваме како беше на почетокот кога нашиот сакан по тешкиот ден доаѓаше да се потпре на нашите гради и да ни раскаже. Не дозволувајте тоа да исчезне.
Правило бр. 3 – Не му ги сечете крилјата
Ден за фудбал и пиво со другарите, ден за во кафана, ден за играње игри на компјутер… па не може цело време да се залепени за нас! Оставете ги на раат. Но, исто така оставете се и себеси на раат. Ден за маникир, ден за женски муабети, ден за читање добра книга… Една од најчестите грешки во долгите врски е што партнерите се претопуваат еден во друг и комплетно ги запоставуваат своите потреби. Дајте му ја слободата!