Иако имаше многу проблеми пред самото отворање на Олимписките игри во Рио, никој не очекуваше дека ќе дојде до тоа да нема основни услови за натпреварување, како што е чист и незагаден базен.
Но, сепак тоа се случи, па во вторникот еден од базените каде се одржуваа натпреварите во синхронизирани скокови позелене, а сите шпекулираа што е причината за тоа.
Сега, интернационалната асоцијација на пливачи излезе со официјално објаснување за целата оваа непријатна ситуација.
“Причината за невообичаената боја на водата која беше забележана на Олимпијадата во Рио, за време на натпреварите од скоковите во вода, е резултат на тоа што снема одредени хемикалии во резервоарите со вода кои се користат за третман на водата во базените”, се вели во соопштението.
“Како резултат на тоа, pH нивото на водата излезе од вообичаените стандарди, предизвикувајќи боење. Спортскиот медицински комитет направи тестови на квалитетот на водата и беше заклучено дека нема ризик за здравјето и безбедноста на спортистите, па нема причина натпреварите да бидат одложени”, додаваат тие.
Но, натпреварувачите не се согласуваат со тоа, па многумина пројавија загриженост околу целата ситуација.